Според документите од Бирото за јавни набавки, Министерството за политички систем потпишало два договора со „Арбериа дизајн“ за услуги поврзани со 21-годишнината од Охридскиот договор, за кои тетовската компанија има на располагање околу сто илјади евра од државниот буџет. Понудите на „Арбериа дизајн“ за двата договора се вкупно околу 80 илјади евра
Во една од ставките за кои Министерството за политички систем ја ангажира „Арбериа дизајн“ пишува: „Стихотворба од реномиран поет, музички аражман и аудио запис на песна по повод 20-годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор“ што би чинело околу 5 500 евра. Притоа, не е јасно дали станува збор за грешка или навистина песната треба да се однесува на 20-годишнината, која беше лани
„Арбериа“ пишува на повеќе комби-возила и камиони паркирани на плоштадот кај споменикот на Скендер Бег во Скопје. Таму се мести сцена, се поставува опрема и се уредува просторот за утрешниот настан насловен “PEACE FESTIVAL” што по повод годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор го организира Министерството за политички систем и односи со заедниците со кое раководи Артан Груби, кадар на ДУИ.

Според документите од Бирото за јавни набавки, Министерството за политички систем потпишало два договора со „Арбериа дизајн“ за услуги поврзани со 21-годишнината од Охридскиот договор, за кои тетовската компанија има на располагање околу сто илјади евра од државниот буџет. Понудите на „Арбериа дизајн“ за двата договора се вкупно околу 80 илјади евра.
Според едниот договор, за „организирање на манифестација по повод 21-годишнина од потпишување на Охридскиот рамковен договор“, на компанијата на располагање ѝ се 4 200 000 денари (околу 70 илјади евра), а нејзината понуда е околу 3 300 000 денари (околу 54 илјади евра). За тие пари „Арбериа“ треба да организира, изнајми, ангажира – конференциски сали, хотелски и ресторански услуги, кетеринзи, странски и домашни естрадни ѕвезди и бендови, како и опрема за озвучување и осветлување.
Само пејачите и бендовите ќе чинат 30 илјади евра, а за водителот на настанот се предвидени 700 евра.

Според вториот договор, од 1 800 000 денари (околу 30 илјади евра), за кој понудата е 1 650 000 денари (околу 27 илјади евра), „Арбериа дизајн“ треба да смисли концепт за организирање настани, а само концептот чини 3 800 евра. Треба да изработи и три видео-спота за 13 300 евра, да испечати промотивен материјал, како пенкала и пера со гравирано лого, од кои еден сет чини 20 евра, ексклузивни кожни папки од 10 евра, рол-ап банери од 85 евра, УСБ-стикови од 10 евра, како и полначи за телефони (power bank) од 40 евра.
Во една од ставките за кои Министерството за политички систем ја ангажира „Арбериа дизајн“ пишува: „Стихотворба од реномиран поет, музички аражман и аудио запис на песна по повод 20-годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор“ што би чинело околу 5 500 евра. Притоа, не е јасно дали станува збор за грешка или навистина песната треба да се однесува на 20-годишнината, која беше лани.
Од увидот во документите за јавната набавка кои се јавно достапни може да се заклучи дека парите се наменети за утрешниот настан (фестивал) и за школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue” што вчера ја најави вицепремиерот Артан Груби како дел од настаните за одбележување на годишнината.
Инаку, „Арбериа“ во ноември лани ја доби и јавната набавка за прослава на Денот на албанската абука, исто така, во организација на Министерството со кое раководи Груби, која чинеше околу 30 илјади евра.
На утрешниот настан кај Скендер Бег најавено е дека ќе настапат Нора Истрефи, Фифи, Ермал Фејзулаху, Кида и Луми Б, а по Антониа Гиговска, настапот го прифати, па го откажа и Владо Јаневски.