Дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите завчера беше промовиран во Охрид
СВР Охрид во коориднација со јавен обвинител се уште го бара лицето или лицата кои го оштетија дигиталниот споменик на Григор Прличев во Охрид.
Во СВР Охрид вчеравечер во 19:30 часот е пријавено насилно отстранување и одземање на 27 букви и на македонското знаме од виртуелниот споменик на Григор Приличев, лоциран на улицата „Коста Абраш“ во Охрид. Споменикот, кој е во сопственост на Општина Охрид, потоа е исклучен од електрично напојување.
Претходно денеска, авторот на споменикот, професор д-р Анис Сефиданис на својот фејсбук-профил објави дека непознати лица го пресекле доводот за електрична енергија до споменикот, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите.
Дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите завчера беше промовиран во Охрид.
Најновите технологии, како што информира тогаш од Општина Охрид, ќе овозможат спознавање на културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест. Иновативниот систем е изработен од компанијата „Сефиданис“, која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид.
„Решението, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор, кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот“,
информираа тогаш општинските власти.
За виртуелниот модел на ликот се користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија. Дигиталниот споменик треба да биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, лето и зима на плоштадот на уметноста Долна Порта.