Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да ги искриват, објави авторот професор д-р Анис Сефиданис на својата фејсбук-страница
Ни два дена не издржа т.н. паметен споменик на поетот, писател и културен деец Григор Прличел поставен во центарот на Охрид.
Неговиот автор, професор д-р Анис Сефиданис на својата фејсбук-страница објави дека делото на кое работел со цел тим и поддршка од општината е вандализиран и нефункционален.
„Вечерва на 11 август, после нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да ги искриват“,
напиша Сефиданис.
Случајот е пријавен во СВР Охрид, направен е увид и ќе биде проследен до Јавното Обвинителство.
Авторот со жалење констатира дека споменикот е времено надвор од функција, но активно се работи заедно со општината повторно да се стави во функција, но овојпат и да се обезбеди.