Директорот на АХВ Бабовски уште еднаш апелира до граѓаните да не се грижат, зашто африканската чума не е опасна за луѓето, ниту месото од заболените свињи е штетно, но болеста може да се шири зашто вирусот останува активен во свежото месо. Тој ги повика одгледувачите свињите да ги чуват во затворен простор и секој сомнителен случај веднаш да го пријават
Од 6 јануари годинава кога во делчевското село Драмче првпат беше регистрирана појава на африканска свинска чума во земјава, до вчера се констатирани шест случаи и тоа во селата Моштица, Мојанци, Пресека, Тркање и Виничка Кршла, сите во источниот дел на земјата, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

На удар се малите одгледувалишта со по една, две или три свињи за домашна употреба, кои како што велат од АХВ, не применуваат биосигурносни мерки, но и несовесните граѓани кои без да водат сметка за хигиена и за примена на соодветните мерки, излегуваат и влегуваат на фармите.
„Големите фарми не се во регионот што е сега зафатен со африканска чума. Се работи за поединечни случаи. Потсетуваме дека сточарите ќе добијат отштета само доколку пријават сомнително и заболено животно кај кое ќе се потврди присуството на болеста, а не и за угинатите животни. Ако случаите не се пријават, на одгледувачите не им следува финансиски надомест. Отштета не следува и за свињите кои се чуваат на отворено, спротивно на забраната, кои ќе бидат одземени и нештетно отстранети на товар на одгледувачот“,
рече Бабовски на прес-конференција.
Затоа од АХВ апелираат сите одгледувачи на свињи, официјалните ветеринари на АХВ или најблиските ветеринарни друштва, навреме да го пријават секој сомнителен случај на африканска чума за да се спречи ширењето на болеста.
Како извор на вирусот, според Бабовски, се дивите свињи, а болеста која ја има во регионот е веројатно пренесена кај нас од соседна држава, но не кажа од која, а како потенцијално ризичен регион е оној на границата со Србија и со Бугарија.
Кои се процедурите?
На она место каде се констатира позитивен случај, тоа место се прогласува како жариште. Но, како што рече Бабовски, тоа не значи дека сите свињи во тој регон во радиус од три километри се заразени, туку дека има случај. Но, меѓународните процедури предвидуваат во тој радиум да се изврши, како што рече, нештетно унишување на сите свињи, а целта е да не се шири вирусот за кој во светски рамки нема ниту лек ниту вакцина.
„Единствен начин за справување е уништување на животните, без разлика дали се здрави и болни во радиус од три километри и целосно обештетување на одгледувачите“,
додаде Бабовски.
Другата препорака е, во зона од 10 километри сите свињи одат во кланица и се еврши економско искористување, односно ова месо понатаму мора да се испрати за технолошка термичка обработка, односно се искористува за преработки од свинско место.
Африканската чума не е опасна за луѓето
Директорот на АХВ уште еднаш апелира до граѓаните да не се грижат, зашто африканската чума не е опасна за луѓето, ниту месото од заболените свињи е штетно, но болеста може да се шири зашто вирусот останува активен во свежото месо.
Бабовски ги повика одгледувачите свињите да ги чуват во затворен простор и секој сомнителен случај веднаш да го пријават.
„Забрането е одгледувањето свињи на отворено, без контрола или ако има испуст тоа треба да биде со двојна ограда, а растојанието меѓу двете огради мора да изнесува најмалку еден метар“,
рече директорот, осврнувајќи се на мерките за заштита.
Од 26 август до денес, подвлече Бабовски, стручни екипи на АХВ се секој ден на терен каде вршат вонреден попис.