Меѓународната соработка е клуч за борбата против организираниот криминал, а отворениот пристап кон јавноста, објавувањето на пресудите поврзани со организиран криминал, перење пари и корупција е од големо значење, оценува Мирјана Лазарова Трајковска, судијка на Врховниот суд на Северна Македонија и национална координаторка на проектот на АИРЕ/РАИ за регионално поврзување на експерти од областа на конфискација и управување со имот произлезен од кривично дело. Таа потенцира дека пресудите мора да бидат добро образложени и јасни и за засегнатите во тие предмети, но и за јавноста, и тоа е според неа една од областите каде што треба да се работи.
На презентација на Регионалната мрежа на експерти за ова прашање воспоставена од Совети за индивидуалните права во Европа (АИРЕ) центарот и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, Лазарова Трајковска вели и дека мерката конфискација на имот може да биде од голема корист.
„Не само за заштита на економијата од корупција, туку правилната примена на конфискација на имот во постапки каде што постои организиран криминал служи за заштита на јавното добро. Јас верувам дека добар закон, добро допро применет во пракса, може да донесе јакнење на владеењето на правото. Корупција, организиран криминал и перење пари ги напаѓа јавните добра и не смее да остане неказнето, па на мора да се одземе она што не им припаѓа на сторителите на ваквите криминални активности“
вели Лазарова Трајковска.
Според неа, конфискацијата е едно од најефикасните средства за борба против организираниот криминал, но е од особено чувствителен карактер, бидејќи судиите мора да го применуваат законот и да бидат свесни дека станува збор за право на имот, што значи дека мора да ги утврдат сите факти до последниот детал, за правилно да го конфискуваат имотот, имајки го пред себе јавниот интерес мора да внимават никако да не го повредат приватниот интерес.
Институциите како што вели таа треба да бидат изградени на здрави темели, а како позитивен пример Лазарова Трајковска ја посочува Комисијата за спречување корупција.
„Транспарентниот начин на избор на оваа комисија создаде во јавноста перцепција дека таа работи непристрасно. Понатаму, значајно е понатамошно поткрепување и унапредување на институциите кои работат на следење на паричните текови. Покрај тоа, во Јавното обвинителство беше формирана посебна канцеларија која ќе се грижи за меѓународната соработка во врска со постапките за замрзнување и конфискација на имот. Македонија направи и Стратегија во врска со конфискацијата и управувањето со одземениот имот, која ги обединува сите релевантни институции“
вели Лазарова Трајковска.