Иако софиските медиуми навестуваат дека евентуалната соработка би можела да се круниса со формирање на т.н. „коалиција Македонија“, во јавноста таа се перцепира и како „коалиција Кремљ“, имајќи ги предвид позициите и ставовите кои како генерален политички курс го имаат сите три партии
ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов предлага на наредните предвремени парламентарни избори во Бугарија, неговата партија да се спои и да настапи во коалиција со партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов и со „Бугарски подем“ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев.
Во декларацијата која ја објавија, од партијата на Каракачанов сметаат дека еден од темелните принципи на обединување е противењето на предавничката политика која дозволила да се прифати „францускиот предлог“. Tој, според нив, за сите патриоти е сосема спротивен од националните интереси на Бугарија.

Иако софиските медиуми навестуваат дека евентуалната соработка би можела да се круниса со формирање на т.н. „коалиција Македонија“, во јавноста таа се перцепира и како „коалиција Кремљ“, имајќи ги предвид позициите и ставовите кои како генерален политички курс го имаат сите три партии.
Особено тоа се однесува на поранешниот технички премиер Стефан Јанев. Тој, по изборите беше именуван за министер за одбрана во Кабинетот на Кирил Петков, но беше разрешен од функцијата откако руската агресија во Украина ја именуваше според наративот на Путин, нарекувајќи ја „специјална воена операција“.
Јанев веднаш потоа формираше своја партија, која ја нарече „Бугарски подем“ и ја дефинираше како национално-конзервативна, идеолошки блиска до ВМРО-БНД.
Неодамна, партијата ја напушти неговата десна рака и поранешна шефица на неговиот кабинет, Ралица Симеонова. Таа јавно го декларираше незадоволство од кадровска политика, укажувајќи дека тимот со кој се екипира партијата не гарантира ништо затоа што „формацијата е предмет на нездрави интереси, полна со компромитирани личности и со чудни луѓе исфрлени од останатите партии“.
Од ВМРО-БНД најавија дека ќе разговораат и со партнерите од ланските избори, Националниот фронт за спас на Бугарија на поранешниот вицепремиер Валери Симеонов.