Нема политичка волја во институциите за спроведување на Законот за заштита на укажувачите, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата
Статистиката покажува дека само 6% од институциите доставуваат полугодишни извештаи, како што пропишува Законот за заштита на укажувачите. Меѓу оние што не ја почитуваат обврска се МВР, Народниот правобранител и Јавното обвинителство
Укажувач. Зборот одамна постои во македонскиот јазик, но се популаризираше во 2015 г. Таа година беше донесен Законот за заштита на укажувачите (ЗЗУ), решение чија цел беше да се поттикнат (и заштитат) вработените, пред се, во јавниот сектор, да пријавуваат незаконитости и неправилности во своите институции. Законот ги обврзува сите јавни институции (и дел од приватните) да спроведат механизам со кој ќе им се гарантира сигурност и безбедност на оние лица што сакаат да пријават неправилности во својата организација.
Бидејќи согласно законот требаше да се донесат и подзаконски акти, тој стапи на сила на 18 март 2016 година. Оттогаш поминаа повеќе од шест години. „360 степени” провери – кои се ефектите од законот?
Го кршат и оние што треба да го спроведат
Неколкуте фотографии подолу се од интернет-страницата на Министерството за политички систем. Колку и да кликате по текстот, насловите, јазичињата и опциите што ви се нудат, нема да најдете кое е надлежното лице за внатрешно пријавување, односно укажување во оваа институција.
На интернет-страницата на министерството кое го води Артан Груби предвиделе такво место. Но, и на верзииите на македонски и на албански јазик, пропуштиле да информираат кај кого и како се пријавува.



Тоа што ги нема потребните податоци на интернет-страницата не значи и дека не може да се направи внатрешно пријавување во Министерството за политички систем, но секако го покажува односот дури и на највисоките институции кон Законот за заштита на укажувачите.
Една од обврските на секоја институција, на пример, е откако ќе воспостави систем и ќе одреди надлежно лице за внатрешно пријавување, да испрати известување до Државната комисија за спречување на комисијата. Колку јавните институции и нивните раководители се грижат за укажувањето покажува фактот дека од 1 324 јавни институции во земјава, само 178 имаат испратено соодветно известување до Антикорупциска. И тоа се бројки по ланското значително подобрување.
Бидејќи некои институции имаат воспоставен систем за внатрешно пријавување, а не ја известиле ДКСК, практично, и не се знае – кој сѐ не го почитува законот. Оваа и другите празнини, оценуваат во Антикорупциска, говорат за немање политичка волја за спроведување на законот.
„ДКСК, како една од институциите задолжени за следење на имплементацијата на ЗЗУ, констатира дека имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите е се уште на незадоволително ниво, што првенствено се должи на отсуство на политичка волја за воспоставување ефикасен систем на заштита на укажувачите, пред се, во институциите во јавниот сектор, кој е предуслов за градење доверба на граѓаните во институциите што би резултирало со поднесување пријави до нив во рамките на заштитено внатрешно пријавување“,
велат од ДКСК за „360 степени“.
Втор податок поврзан со Законот за заштита на укажувачите, кој институциите мора редовно да го изготвуваат, е оној за бројот на пријави од нивни вработени. Два пати во годината треба да испратат и извештај до ДКСК, како дел од суштинските податоци со кои се следи примената на законот.
Анализата на извештаите што ја подготвува ДКСК покажува дека само 6 отсто од институциите ја почитуваат оваа обврска од законот.
Во документите на ДКСК за минати години може да се најде и отворена критика дека меѓу институциите што не поднесуваат полугодишни извештаи се и неколку кои имаат директни надлежности со Законот за заштита на укажувачите – МВР, Народниот правобранител и Јавното обвинителство. На прашањето, дали тоа е сменето, од ДКСК ни одговорија:
„Ниту една од споменатите институции нема доставено шестмесечни извештаи за примени пријави од укажувачи за 2021 година. Рокот за поднесување на полугодишен извештај за првата половина од 2022 година е во тек“,
велат од ДКСК.
Пријавил криминал, го избркале од работа
Настрана тие што не го спроведуваат, има институции што го почитуваат законот, како што е пропишано. Според расположливите статистики, има нагорен тренд на пријави. Ако во 2019 г. институциите известиле дека не добиле ниту една внатрешна пријава, веќе во двете полугодија лани бројот на пријави достигнал вкупно 44.
А, освен во институцијата во која работат, укажувачите можат да пријават случај и директно до ДКСК. Тука трендот е малку поразличен. Кога почна со работа актуелниот состав на ДКСК, во 2019 г., добиле рекорден број пријави - 19. Лани на адреса им стигнале 9.
Од сите пристигнати пријави во изминатите три години, само еден случај бил доволно сериозен и издржан за да биде пратен до јавното обвинителство. Но, тој завршил пред да почне – починал пријавениот.
„Во еден предмет поради утврдена основаност на наводите во доставената пријава, беа доставени Иницијатива до Владата на РСМ за утврдување на одговорност за пријавеното лице и Иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство Скопје. Овие две постапки пред надлежните институции се затворени поради настапување на смрт на пријавеното лице“,
велат од ДКСК за „360 степени“
Овој најсериозен предмет ги покажува и другите слабости при примената на Законот за заштита на укажувачите. За време на постапката, укажувачот добил отказ од работното место. Така што, тој што пријавил незаконитости во својата институција морал да поведе работен спор пред надлежен суд. Постапката, сепак, завршила во негова корист и тој е вратен на работа.
Има институции кои не си ги знаат обврските
Транспаренси Интернешнл Македонија е организација која го застапува спроведувањето на законодавството за укажувачи во земјава. Врз основа на досегашното искуство и активности, нивното објаснување за нискиот процент на институции кои пријавиле дека имаат систем за внатрешно укажување, се должи и на нецелоснота упатеност во обврските од законот.

За пример, посочуваат од организацијата, нивните истражување покажале дека „повеќето институции имаа објавено информации за овластените лица за внатрешно пријавување“, иако до ДКСК такви известувања имаат испратено само 13%. Сепак, од Транспаретност посочуваат на проблематичните сектори.
„Незадоволително беше во поглед на институциите од судството, како што се основните судови, јавните обвинителства, вишите јавни обвинителства во Македонија кои воопшто немаа објавено информации за овластените лица за внатрешно пријавување“,
велат од Транспаренси Интернешнл Македонија
Од организацијата споделуваат и позитивни искуства, дека кога барале информации за овластени лица за укажување, дваесетина институции се одзвале и назначиле вработени на таа позиција. Но, некои, одговориле и дека не можат да постават овластено лице.
„Во одговорите кои беа добиени од институциите, како некои од причините за неназначување на овластено лице за прием на пријави од укажувачи беше наведено дека нема лица коишто поседуваат безбедносен сертификат, немаат соодветно образование, ниту пак искуство во работа со пријави по граѓани или укажувачи.
Некои од институциите, особено основните судови и јавните обвинителства, имаа лице коешто е назначено како лице овластено за заштитено внатрешно пријавување, но истовремено и како офицер за заштита на лични податоци и за лице коешто е задолжено за барања со пристап до информации од јавен карактер.“
Меѓу позитивни примери кои ги посочуваат од Транспаренси Интернешнл Македонија се Министерството за економија, Државниот завод за ревизија, Инспекторатот за употреба на јазиците, Агенцијата за вработување и ОЈО за гонење на организиран криминал, кои имаат по две овластени лица за заштитено внатрешно пријавување.
Генерално, според Транспаренси Интернешнл Македонија, земјата има добра законска рамка. Но, организацијата има голема забелешка што при последните законски измени во 2020 година драстично се намалија глобите за неспроведување на законот.
„Глобите што беа предвидени за необјавување и правење на достапни за сите вработени на актите за внатрешно пријавување во приватниот и јавниот сектор, со законските измени се намалени и се движат од 250 до 2000 евра казна, како максимална која важи за големи трговци и институција со повеќе од 50 вработени лица. Пред измените казните се движеа од 2000 до 4000 евра без оглед на големината и бројот на вработени во правното лице од јавниот или приватниот сектор“,
Проблемите во стариот ќе се „лечат“ со нов закон
Што, тогаш, треба да се смени за вистински да заживее Законот за заштита на укажувачите? Од Транспаренси Интернешнл Македонија велат дека мора прво да се зајакнат капацитетите на институциите за внатрешно и надворешно пријавување, вкучувајќи и дополнителни обуки. Но, препорачуваат да се работи и со другите „алки“ в системот.
„Потребни се и кампањи за подигање на свеста кај граѓаните за значењето на овој закон. Јавното обвинителство треба дополнително да даде напор за отворање на предмети кои произлегуваат по пријави засновани на Законот за заштита на укажувачи, кои би имале судска разрешница. Преголемото одлагање на развршницата на овие предмети и недовербата во институциите придонесува кон поднесување на помал број на пријави и недоволно добра имплементација на Законот за заштита на укажувачи“,
велат од Транспаренси Интернешнл Македонија.
Колку точно институции го почитуваат законот, дали законот е успешен, што се преземало досега за да биде успешен и што треба да се преземе во иднина? Овие прашања ги упативме до неколку институции – до ДКСК, која освен што го спроведува има и обврска да го следи и известува за законот, до Министерството за правда, кое е надлежно да го следи спроведувањето на ЗЗУ и до кабинетот за политики за добро владеење, кој го води вицепремиерката Славица Грковска.
Најконкретни во одговорите беа од Антикорупциска. Освен претходниот јасен став дека не гледаат политичка волја за спроведување на законот, информираа дека од јуни 2021 до јуни 2022 г. одржале вкупно 12 обуки за овластени лица за прием на пријави од укажувачи. А, за подобро да се спроведува законот во иднина имаат пет предлози:
1. Изготвување измени и дополнување на Законот за заштита на укажувачите во согласност со ЕУ Директивата за заштита на лица кои пријавуваат прекршувања на правото на Унијата;
2. Воспоставување ефикасен и функционален систем за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во институциите од јавен сектор, ослободен од политички или лични влијанија;
3.Спроведување континуирана кампања заради подигање на јавната свест и запознавање на граѓаните соправата и можностите предвидени со ЗЗУ;
4. Спроведување на системски и континуирани обуки на овластените лица за прием на пријави;
5. Зајакнување на меѓуинституционалната соработка на институциите кои во ЗЗУ се наброени како институции каде може да се изврши заштитено надворешно пријавување.
Од кабинетот на вицепремиерката Грковска ни објаснија дека следењето на спроведувањето на ЗЗУ било надлежност на претходниот кабинет за борба против корупцијата што го водеше Љупчо Николовски. Актуелниот кабинет, за политики за добро владеење, имал поинаков опсег на надлежности. Па, сепак, од тимот на вицепремиерката Славица Грковска пратија одговор – дека на ЗЗУ не треба да се гледа само како на алатка за борба против корупцијата, туку и за јакнење на демократијата.

„За целосна и доследна имплементација на Законот за заштита на укажувачи клучни се два аспекти.
Пред се, мора да се направи систем во кој граѓаните ќе имаат доверба и ќе веруваат во институциите дека доколку поднесат пријава, како укажувачи ќе бидат заштитени, а по пријавата навремено и ефикасно ќе се постапува.
Исто така, за да биде целосно функционален овој закон, сите ние и Владата, и медиумите, и невладиниот сектор треба да работиме на подигнување на свеста за јавното добро и општествената одговорност кај секој поединец во општеството, но и да ги охрабриме поединците да ги пријавуваат сомнежите за неправилности“,
одговорија од кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска.
Ниту од кабинетот на Грковска, ниту од Министерството за правда не добивме конкретен одговор за точниот број на институции што го почитуваат (или не го почитуваат) законот. Според владиниот ресор, дури и да нема назначено лице за внатрешно пријавување, укажувачот може да пријави кај раководното лице на институцијата. Па, велат, не може со сигурност да се тврди дека во одредени институции нема канал за внатрешно пријавување.
И покрај недостатокот на тој податок, од правда велат дека анализите ја потврдиле потребата од ЗЗУ, имајќи ги предвид неговите ефекти. Сепак, велат и дека има потреба од надминување на „идентификувани недостатоци“.

„Потребата за донесувањето на Законот за заштита на укажувачи е потврдена, според ефектите од неговата примена и интересот на пошироката јавност за негова доследна примена. Спроведените анализи за оценка на спроведувањето и степенот на усогласеноста на националното законодавство со меѓународните стандарди во областа 'Заштита на укажувачи' покажуваат дека во националното законодавство веќе се вградени клучни меѓународни стандарди во областа, но и укажуваат дека се потребни измени во насока на надминување на идентификувани недостатоци“,
одговорија од Министерството за правда.
Од ресорот што го води министерот Никола Тупанчевски тврдат дека тековно им помагаат на другите институции во спроведувањето на ЗЗУ – и преку обуки и семинари и преку консултации. А, за во блиска иднина:
„Следен чекор е подготовка на нов закон за заштита на укажувачи, усогласен со ЕУ Директивата 2019/1937. Во рамки на тој процес ќе се спроведат широки консултации и ќе се подготви извештај со проценка на влијанието кој ќе содржи и план за спроведување и на нерегулаторни мерки за јакнење на капацитетите и на институционалната и јавната свест“.
Процесот веќе е започнат и за тоа има известување на платформата ЕНЕР. Причините поради кои се менува законот, пишува таму, се „идентификувани недостатоци“, без дополнителни информации.
А, во категоријата „Други информации“, во рамки на известувањето, се наведени годишните извештаи на ДКСК. Тоа се истите извештаи кои не само што покажуваат туку и го содржат ставот на Антикорупциска дека нема „политичка волја“ за спроведување на законот.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.