Ова не може да се толерира, кажа Џафери, и повика пратеник или пратеници од мнозинството или да се однесуваат како дел од мнозинството или да направат ново мнозинство. Ако тие пратеници не го направат тоа, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието кажа Џафери
Пред да ја прекине 79-тата седница, Џафери закажа ад-хок состанок со претседателите на партиите кај него. Случајно или не, поименично ги спомна лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, дека биле во Собранието (иако не беа на седницата). И двајцата пратеници доаѓаат во законодавниот дом во исклучителни ситуации
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска најави дека самиот ќе предложи одржување на седница за распуштање на парламентот. Зборовите ги кажа по неуспехот да почне со работа по 79 седница на Собранието поради немање кворум, иако 85 пратеници биле потпишани како присутни на списоците (што им дава и право на надоместоци).

Обидот за одржување на седницата почна со предбројувањето на бројот на пратеници. Џафери, првично остави простор пратениците да влезат во салата.
„Во салата се присутни 53 пратеници. За оваа седница, за која ќе примаат надоместок, потпишани се 85 пратеници. Ги повикувам пратениците да влезат во салата“
кажа Џафери на почетокот на седницата.
Откако и по неколку минути чекање во салата не дојдоа потпишаните пратеници, Џафери одржа кус говор, наменет пред се за општата јавност.
„Почитувани граѓани, поради фактот дека пратениците се потпишаа и одлучија да не влегуваат во салата, Собранието нема услови за да може да одлучува за прашањата за кои треба да се одлучува на оваа седница. Ова јасно ни кажува за пратениците, ставот кој што го имаат кон Собранието. Некој мисли дека ова е нивен имот и со нивниот имот може да се однесуваат како што сакаат. Но, ова не е наш имот, како пратеници. Ова е ваш имот како граѓани, коишто сте не избрале овдека“,
кажа Џафери.
Потоа Џафери им се обрати на пратениците. Прво кажа дека е обрска на сите 120 пратеници да доаѓаат на седниците и ако некој нема да доаѓа, тогаш да побара распуштање на парламентот.
„Би било коректно тие пратеници кои не сакаат да доѓаат во Собранието и да бидат дел од работата на Собранието, до мене да поднесат (барање н.з.) распуштање на Собранието ако така мислат. Јас друг излез немам овде, освен да ја прекинам работата на седницата“,
кажа Џафери.
По овие зборови, во неколку наврати, Џафери остави впечаток дека неговата порака се однесува пред сѐ на пратеник или пратеници од власта.

„Ако некој мисли дека седницата ќе биде закажана со уцени, со ултиматуми, мислам дека ова е грешка. Греши кој и да е тој пратеник од мнозинството или од опозицијата.
Кој не сака да биде дел од мнозинството, треба да каже дека од денеска не сум мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака… Ако тие (пратеници н.з.) не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието. Да се знае целта, која е главната цел“,
изјави Џафери.
Во ниту еден момент Џафери не кажа на кого точно мисли. Но, пред да ја прекине седницата, ги повика претседателите на партиите на средба во неговиот кабинет. Случајно или не, кажа дека во Собранието се присутни претседателите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети, кои патем не беа присутни во салата а и ретко се појавуваат воопшто во парламентот.
„Ја прекинувам работата на оваа седница и претседателите на партиите кои се парламентарното мнозинството, ако имаат волја, ги повикувам да дојдат кај мене во кабинет, во мојата канцеларија и да можеме да менаџираме и да имаме став како ќе продолжиме со работа со оваа институција. Ова не може да се толерира… Затоа, уште еднаш, ги повикувам претседателите на кафе-муабет кај мене. Двајцата, претседателите на партиите Мендух Тачи и Али Ахмети, овдека се во Собранието. Мислам дека оваа тема… ќе одлучиме како ќе дејствуваме понатаму.
По средбата, од кабинетот на Талат Џафери објавија сооштение до јавноста. Во него немаше информација кој сѐ присустувал на средбата, но беше наведено што им кажал спикерот на тие што биле присутни.
„На средбата, претседателот потсети дека сите пратеници во Собранието се еднакви и ги претставуваат граѓаните кои ги избрале и им дале мандат. Со ваквото однесување се покажува дека за одредени пратеници, приоритет е нешто друго а не практикување на мандатот кој што им е доверен од граѓаните. Претседателот посети дека тој е секогаш подготвен седниците да ги започне на време, доколку пратениците се присутни во сала. Тој исто така нагласи дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, истите треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала. Дополнително, претседателот нагласи и дека согласно Одлуката на претседателството, се наложува да се одложат и откажат сите службени и не неопходни приватни патувања на пратениците во текот на месец јули со цел непречено работење на Собранието“,
се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.