Според најавите на Бугарија не се очекува проблематизирање на јазикот овој пат, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска дека “договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без цртички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, што се смета за потврда дека македонскиот јазик во овој договор нема повеќе да биде проблем и предмет на блокади
Во Европската комисија и во Советот на ЕУ објаснуваат дека по компромисот со Бугарија, деблокирањето на договорот за Фронтекс со Северна Македонија ќе се третира приоритетно, како што јавува МИА од Брисел.
Северна Македонија, овој договор со ЕУ го иницираше во 2018, но во меѓувреме Фронтекс (т.е. Европската гранична и крајбрежна агенција која ги “чува“ границите на ЕУ) претрпе повеќе законски и правни измени, кои мораат сега да бидат предмет на повторни преговори во ЕУ за да се актуелизира договорот со Северна Македонија за да биде во согласност со моделот кој важи за сите земји учеснички.
Процедурата се води согласно членот 218 на Повелбата на ЕУ.
Главните измени кои треба да се внесат во договорот се однесуваат, меѓу другото, на дозволата за распоредување на агенцијата во земји кои не се членки на ЕУ, надзор врз шверц на мигранти, засилена заштита и мониторинг на основните човекови права, посебно откако оваа агенција беше предмет на повеќе скандали поврзани за односот на нејзините гранични офицери кон бегалците и мигрантите на надворешните граници на ЕУ.
Овој нов модел на Фронтекс треба да биде интегриран во актуелизираниот договор со Северна Македонија, за што е потребно Европската комисија прво да препорача почеток на преговори, а Советот на ЕУ (земјите членки) да дадат зелено светло за тие преговори.
Се очекува, Европската комисија доста брзо да ја издаде препораката и Советот да даде зелено светло за преговори. Изворите на МИА во Комисијата и Советот не сакаат да шпекулираат со датуми, но се надеваат дека меѓу оваа есен и крајот на годината договорот би бил финализиран, а потоа и ратификуван.
За потсетување, договорот за Фронтекс до сега беше блокиран поради одбивањето на Бугарија да ги прифати зборовите “македонски јазик“ во текстот.
Според најавите на Бугарија не се очекува проблематизирање на јазикот овој пат, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска дека “договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без цртички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, што се смета за потврда дека македонскиот јазик во овој договор нема повеќе да биде проблем и предмет на блокади.