„Не за бугаризација“, „Не за францускиот предлог“, „Не, не, не“, беа дел од пораките кои демонстрантите ги испратија на протестниот марш кој почна пред Владата, а заврши пред Собранието
Утре наместо во 19:00 часот како досега, протестот „Ултиматум – не, благодарам“ ќе почна во 12:00 часот. Иако портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на протестот најави дека тој утре ќе почне во 13:30 часот, партијата преку соопштение повика на масовност пред Собранието точно напладне.
„Во очи на собраниската расправа за срамниот предлог кој ја бугаризира Македонија ги повикуваме сите граѓани утре во 12:00 часот пред Собранието на Република Македонија да излеземе масовно и да протестираме мирно и достоинствено против асимилација и бугаризација на Македонија. Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени нема да поминат. Власта мора да го отфрли предлогот“,
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Активисти на политичката партија Левица поставија шатори пред Собранието и рекоа дека ноќта ќе ја поминат таму.
Вечерва се одржа десетиот протест против францускиот предлог. „Не за бугаризација“, „Не за францускиот предлог“, „Не, не, не“, беа дел од пораките кои демонстрантите ги испратија на протестниот марш кој почна пред Владата, а заврши пред Собранието.
На вечерашниот протест демонстрантите врзаа мисирка за автомобил и ја возеа од Владата до Собранието. Според нив, „ќурката“ е за премиерот Димитар Ковачевски.
Пред Собранието беше поставена и гилотина заедно со натпис „француски предлог“.
Протестите почнаа на 2 јули и се одржуваат секој ден во 19 часот, освен во петокот кога наместо протест, револтот кон францускиот предлог демонстрантите го искажаа преку блокади. Пауза од протест имаше и во саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам.