Измените на медиумскиот закон, не само што целосно ја укинуваат забраната за државно финансирање на приватните радија и телевизии, туку им гарантираат на медиумите и годишни суми од 0,1 процент од буџетските приходи на државата (околу 3,5 милиони евра) и половина процент од буџетите на 81 општина, објавува „Призма“.
Ова го предвидува нацрт-предлогот на измените на Законот за АВМУ до кои дојде БИРН, кој е доставен до собранието, но сѐ уште не е во собраниска процедура.
Координаторот на пратеничката група на владејачката СДСМ, Јован Митрески, за БИРН, потврди дека минатата недела добил ваков предлог и го дистрибуирал до координаторите на пратеничките групи и од нив очекува реакција. Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, чул дека постои предлог, меѓутоа не го видел.
БИРН, пред два месеца, објави дека во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) била формирана работна група за промена на медиумскиот закон.
Политичките превирања во 2015 година, крунисани со договорите од Пржино, ја прекинаа праксата на контроверзното владино рекламирање.
Откако СДСМ ја освои власта, постави директна забрана за државно рекламирање во законот, во членот 102, за да го спречи индиректниот поткуп на медиумите што беше модус вивенди на пропагандата на власта водена од Никола Груевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Со забраната, државата и општините не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата.
Во иднина, доколку пратениците ги прифатат измените на законот, забраната ќе се укине и државата ќе може слободно да ги финансира медиумите.
„Членот 102 се брише“, јасно пишува во предлог-измените до кои дојде БИРН.
Целиот текст може да го прочитате на овој линк.