Наведување на самоубиство, обљуба со злоупотреба на положбата, трговија со дрога. Иако се ретки, ова се дел од кривичните дела за кои во изминативе три-четири години биле поднесени кривични пријави против полицајци и затворски чувари
Откако во Обвинителството се отвори посебно одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, секоја година има се повеќе полицајци осудени за кривични дела при вршење на службата. Но, само мал дел завршуваат во затвор. Во 2021 имало 46 осудени полицајци, од кои шестмина добиле и казна затвор
Правниот застапник на Македонскиот полициски синдикат тврди – се троши време и ресурси на ситни дела при вршење на полициската служба, а нема ниту еден случај против вистински организиран криминал кај полицијата
Сообраќајка, насилство, грабеж. Ова се само дел од немилите настаните по кои, независно дали сме само сведоци или и жртви, бараме начин што побрзо да свртиме еден број – на полицијата. А институцијата е отелотворена во нејзините припадници во првите „борбени редови“ – полицајците. Од нив секогаш се очекува во критичниот момент брзо да го вратат чувството на сигурност и уверување дека тие што го нарушиле мирот и поредокот, ќе бидат казнети.
Но, и полицајците се луѓе, а изборот што е исправно во одредена ситуација често и не е толку едноставен. Дали и кога да се употреби оружјето, дали и кога да се употреби сила или присила, дали и кога да се лиши некој од слобода? Тоа се дилеми со кои се соочува и секој чесен полицаец, но и секој што ја користи униформата за спротивни, криминални цели. Оваа статија е истражување за прашањата – колку полицајците во земјава, намерно или ненамерно, и самите стануваат извршители на кривични дела при извршување на службата и дали одговараат за тоа?
За 10 години МВР поднело кривични против речиси 500 полицајци
„Се приведуваат полицајци за фалсификување лични документи“, „Полицајци на Блаце фатени како примаат мито“. Овие наслови не се чести, но речиси без исклучок предизвикуваат големо внимание во јавноста. Контрадикцијата во која добриот лик наеднаш прави лошо дело, е лесна литература и за медиумите и за јавноста.
Во екстремно ретки случаи, овие сочни наслови се производ на новинарски истражувања. Најчесто, токму Министерството за внатрешни работи е институцијата која ги лови „лошите“ полицајци. Според податоците што ги добивме од МВР според Законот за пристап до информации од јавен карактер, од 2012 до крајот на 2021 година, самата полиција поднела кривични пријави против 492 свои припадници. Но, не секоја година е иста.

Најмалку кривични пријави против полицајци за дела сторени при вршење на службата има во 2013 година. Во тој период, на чело на МВР беше Гордана Јанкуловска. Најмногу пријави против полицајци, пак, има во 2018 година – првата цела година на Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи по речиси еднодеценискиот мандат на Јанкуловска.
Општо земено, последниве години е зголемен бројот на кривични пријави од полицијата против полицајци, споредено со периодот пред 7-8 години. Двете логични објаснувања за трендот се дека или се повеќе полицајци ја злоупотребуваат службата или, пак, се зајакнати внатрешните механизми на контрола.
Одговорот го побаравме од местото од каде ги добивме и бројките – МВР. Но, не добивме и објаснување.
Овие пријави најчесто ги поднесува Внатрешната контрола (194 во истражуваниот период). Тоа е орган во рамките на МВР кој ја контролира работата на полицијата. Но, значителен број на пријави доаѓаат и од Секторите за внатрешни работи. Најмногу во последната деценија дошле од СВР Тетово (56) и од СВР Куманово (55).
И овде, податоците отвораат многу прашања. На пример, зошто токму во Тетово и во Куманово има толку многу кривични пријави против тамошните полицајци? И на ова прашање не добивме одговор од МВР.
Најчестите кривични дела, пак, за кои се пријавувани полицајците се злоупотреба на службената положба, несовесно работење, предизвикување општа опасност, поткуп. Иако поретко, меѓу пријавите може да се најдат и потешки дела - криумчарење мигранти, кражба, фалсификување исправи и изјави, лихварство, шпионажа, неовластено прислушување, пустошење шума, тргување со оружје.
Сепак, едно е да се поднесе кривична пријава, а сосема друга работа е да се најдат докази за да се покрене обвинение и евентуално да се осуди обвинетиот.
Секој втор пријавен полицаец избегнува кривичен прогон
На 1 декември 2018 година се отвори посебно одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), чија цел е гонење на кривичните дела сторени од лица со полициски овластувања (полицајци и затворски чувари). Постоењето на одделот произлезе од новиот Закон за јавното обвинителство.
Во одделението работат тројца обвинители. До нив доаѓаат кривични пријави од повеќе места - првенствено од МВР, но и од граѓани, фирми и други обвинителства. Зависно од приложените докази, кривичните пријави се впишуваат по три посебни уписници.
РО-ПС: се евидентираат пријави за случаи во кои има основи за сомнение дека лице со полициски овластувања извршило кривични дела, но се уште не се утврдени кривично-правните настани.
КОНПС: се евидентираат сите пријави против лица со полициски овластувања чиј идентитет не е познат.
КОПС: се евидентираат сите пријави против познати извршители во кои точно се утврдени кривично-правните настани. Во оваа листа се префрлаат и случаите од претходните два уписници кога ќе се обезбедат доволен број докази.
Најмногу предмети се регистрираат во уписникот РО-ПС, односно пријави во кои има „основи за сомнение“ за сторено кривично дело, но каде се уште не се целосно утврдени „кривично-правните настани“.
Во 2019 г. во овој уписник се регистрирани нови кривични пријави против 363 полицајци или лица со полициски овластувања. Во 2020 г. биле пријавени нови 340 лица, додека во 2021 г. има кривични против 338 полицајци.
Бројките што ги добивме од обвинителството, сепак, покажуваат дека најчестата одлука шти ја носат обвинителите во однос на овие пријави е резолуција. Односно дека надлежните не гледаат дека има простор за јавнообвинителско постапување. Во 2019 г. со резолуција се затворени предметите против 104 полицајци и лица со полициски овластувања. Во 2020 г. таква одлука е донесена за 152 лица, а во 2021 г. 218 полицајци куртулиле од понатамошен прогон. Или, од вкупно 1041 пријавен од почетокот на 2019 година до крајот на 2021 година, обвинителството решило да не гони 474 пријавени полицајци или околу 45%. Зошто?
„Генерално, во одделението пристигнуваат пријави и за сторени кривични дела кои лицата со полициски овластавања ги сториле надвор од службата, а за кои ова одделение нема надлежност да постапува. Во членот 33 став 1 од Законот за јавното обвинителство е утврдено дека Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција е надлежно да постапува за кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при вршење на службени должности и овластувања и за кривични дела извршени надвор од службата со употреба на сериозна закана, сила или средства за присилба што за последица има смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда, противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување доколку со закон е предвидено кривично гонење по службена должност. Постојат низа на пријави во кои не се утврдени елементи на кривични дела што се пријавени, како и такви каде гонењето е по приватна тужба“,
велат од ОЈО за ГОКК за „360 степени“.
Останатите предмети од уписникот РО-ПС, кои не се затворени со резолуција, одат во други обвинителства (кога станува збор за дело за кое специјализираното одделение нема надлежност), во уписникот КОНПС (непознати сторители) или во уписникот КОПС (познат идентитетот на сторител и кривично-правниот настан).
Токму од уписникот КОПС може најдобро да се види ефектот од работата на посебното одделение. За потсетување, во овој уписник завршуваат „поквалитетните“ кривични пријави. А бројките велат дека во првата цела календарска година од работата на посебното одделение, во КОПС завршиле кривични пријави против 98 лица. Во втората година, 2020, овој уписник брои кривични пријави против 147 нови лица. Лани, во 2021 година, евидентирани се кривични пријави против 217 лица со полициски овластувања.
Заклучокот е дека од година во година се зголемува и бројот на поквалитетни кривични пријави.
Полицајците тешко завршуваат во затвор
И додека е несомнено дека обвинителите имаат се повеќе работа со кривични пријави против полицајци, следното прашање кое се наметнува е дали пријавените на крај добиваат казна?
Според податоците од обвинителството, од година во година има се повеќе кривично осудени полицајци. Во првата цела година од работата на посебното одделение, 2019 г., осудителна пресуда добиле 7 лица со полициски овластувања. Следната година, 2020 г., има 23 осудителни пресуди против лица со полициски овластувања и уште 4 ослободителни пресуди. Во 2021 г., бројот на осудителни пресуди се зголемил двојно, на 46, а бројот на ослободителни пресуди останал ист – 4.
Податоците од обвинителството покажуваат дека обвинетите полицајци се почесто признаваат вина пред суд. Тоа ја забрзува постапката, но обезбедува и помали казни. Веројатно поради таа пракса, релативно мал е бројот на полицајци што завршуваат во затвор.
На пример, во 2021 година, од вкупно 46 осудени лица со полициски овластувања, дури 36 добиле условна осуда. Четири полицајци добиле парична казна и само шест завршиле во затвор.
Во претходните години, 2020 и 2019 година, во затвор завршиле по четири лица со полициски овластувања.
Прашавме во обвинителството, кој е случајот со највисока казна?
„Највисоката казна е изречена на полициски службеник за сторени кривични дела Тешки дела против општата сигурност (чл.292) и Предизвикување општа опасност (чл. 288). По поднесен обвинителен акт во фаза на оценка на обвинението е постигната спогодба со јавниот обвинител и врз основа на предлог-спогодбата е донесена пресуда со која лицето е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 2 месеца и надомест на штета на оштетеното лице во износ од 6 милиони денари“,
одговорија од ОЈО за ГОКК.
Обвинителството се занимава со „трошки“?
Податоците покажуваат дека расте бројот и на кривични пријави и на осудителни пресуди против лица со полициски овластувања. На прв поглед, тие трендови оставаат впечаток дека се работи сериозно на девијантните појави во овие служби.
Тие трендови, според Обвинителството за гонење на организиран криминал, се резултат на нивната работа и постоење.
„Нагорниот тренд на осудителни пресуди, како и воопшто на отворени предмети против лица со полициски овластувања е како резултат на постоењето на специјализираното одделение. Јавноста е информирана за неговата работа и точно знае каде да се обрати во случај кога се сторени кривични дела од страна на овие лица“,
велат од ОЈО ГОКК.
Но, од друга страна, највисоката казна за која се изборило обвинителството од една година и два месеца затвор и не е толку висока, особено ако се има во предвид за какви се дела има кривични пријави против лица со полициски овластувања. Пресуди за потешки дела можеби ќе има во блиска иднина, но засега останува впечатокот дека работата на обвинителството досега е фокусирана на помали престапи.
Таков впечаток не оставаат само бројките, туку и ставовите на претседателот на Советот на јавни обвинители.

„Кога го разгледувавме извештајот, посебно за ова одделение, ставивме забелешки дека не работат суштински предмети, туку маргинални, кои се решаваат набрзина. Дали полицијата употребила прекумерна сила е едноставно за докажување. Јас дури лично ја прашав раководителката на одделот дали имаат отворено предмети по допрен глас за одредени началници и полициски службеници за кои се говори дека се занимаваат со трговија на дрога, шверц на цигари, рекетирање. Ми беше кажано дека немаат отворено такви предмети, туку само ги прифаќаат службените белешки. А, тоа не може да се прифати како допрен глас од јавноста. Целта на тоа одделение не беше само да се гони дали некој полицаец натепал некого, туку многу поголема“,
изјави шефот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, за неделникот „Фокус“ на крајот на март 2022 година.
„360 степени“ побара став за досегашниот ефект од работата на посебното одделение од адвокатот Александар Тумановски, кој веќе подолго време го застапува Македонскиот полициски синдикат токму во вакви случаи. И меѓу неговите забелешки има место за нискиот профил на случаи со кои се занимава специјализираното одделение.

„Не ги дава ефектите (специјализираното одделение н.з.) бидејќи сите досегашни случаи, околу 90 за кои знаеме, се со минимални докази дека полицијци сториле било какви прекршувања или излегле надвор од своите ингеренции при извршување на полициските задачи. Тука, најчесто, станува збор за предмети поврзани со делата малтретирање во службата и предизвикуање телесни повреди. Сметам дека за тие предмети не треба да постапува одделението во ОЈО за организиран криминал и одделението во судот за организиран криминал. Тие треба да се занимаваат со повиска корупција во полицијата. За жал, такви предмети нема“,
вели адвокатот Тумановски.
Со профилот на предметите со кои сега се работи, смета Тумановски, само се деморализира полицијата. Додава дека голем дел од пријавите доаѓаат од колеги полицајци, па и граѓани кои се извршители на кривични дела и дека најчесто тие пријави не се поткрепени со докази. На крај, сето тоа се доживува како форма на притисок.
„Сметам дека треба да се направи децентрализација. Пониските кривични дела да се вратат во основните судови и обвинителства. А потешките облици да останат пред одделението во ОЈО за гонење на организиран криминал и одделението за гонење на организиран криминал во Основниот кривичен суд Скопје“,
вели Тумановски.
До скоро, со специјализираното одделение раководеше обвинителката Гордана Смаќовска. Таа замина во пензија. На нејзино место дојде обвинителката Лиле Стефанова.
Иако промените не се случија поради досегашната работа на одделението, очигледно е дека повеќе страни веќе го поставуваат прашањето - кога ќе дојдат на ред оние што не само што ги пречекориле овластувањата туку и сериозно зачекориле на „другата страна“.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.