„Потенцијално, ако воопшто е можно, отворање на содржината на предлогот би значело две работи – првата, дека ќе биде потребно дополнително време што би значело дека ЕУ ќе го продолжи процесот само со Албанија и втората дека таквиот чекор не би донел извесност дека ќе стигне подобар предлог од овој што е на маса“, вели висок претставник на Европската комисија
Поларизираноста и политичките тензии во Северна Македонија поради содржината на францускиот предлог го натера Брисел што е можно повеќе да се вклучи во мисија на објаснување на содржината на пакет-документите кои предвидуваат кревање на бугарското вето, под одредени услови, и операционализација на почетокот на пристапните преговори.
По серијата посети на врвни европски и претставници на клучните земји членки на Унијата како претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во Скопје допатува и тим од Европската комисија, технократи кои ќе го водат процесот на преговори, под услов Северна Македонија да каже „да“ за предлогот.

Нивната мисија е да демистифицираат неколку клучни елементи, поточно четири, од предлогот.
Дали „да“ значи отворање на преговорите?
„Да, тоа значи отворање на преговорите“ – брифира висок претставник на Европската комисија. Според него, одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе значи операционализација на стартот на преговори. Всушност, тоа би значело и почеток на фазата на т.н. скриниг, утврдување на степенот на усогласенсот на македонското со заедничкото право на ЕУ. Тој процес, според проценките на Брисел, во случајот на Северна Македонија би траел пократко од другите кандидатки, нешто повеќе од 12 месеци, зашто земјата веќе има изодено дел од т.н. објаснувачка фаза во која се утврдува што ЕУ бара од Македонија. Одржувањето на втората Меѓувладина конференција, која треба да го означи крајот на т.н. „за фаза на отворање“ на пристапните преговори е условено за завршување на уставните измени и вметнување на Бугарите како заедница, без потреба од други дополнителни политички одлуки од страна на Унијата.
Внесување билатерални прашања во преговорите?
Претставниците на Комисијата не гледаат големи разлики во овој сегмент меѓу она што го содржи предлог-рамката за Северна Македонија и она што го имаат Србија и Црна Гора кои и двете имаат елементи на добрососедски односи. Европските дипломати појаснуваат дека добрососедските односи не се дел од Копенхашките критериуми, но се дел од условите за пристапување за земјите од Западен Балкан (внесени преку процесот на Стабилизација и асоцијација) и затоа, според нив, има внимателен вординг во членот 47 од предлог-рамката кој се однесува на делот на тоа што прави Европската комисија во овој процес.
„Комисијата ќе обрне особено внимание на обврските на Северна Македонија во однос на добрососедските односи и регионалната соработка во референца на членот 5 и за имплементацијата ќе ја информира Меѓувладината конференција“,
се вели во членот 47 од предлог-рамката.
„Значи, ние треба само да информираме“, објаснува соговорникот од ЕК, правејќи разлика со толкувањата со тоа дека Комисијата ќе треба да изготвува извештаи за оваа тема.

Блокирање на преговорите со билатерални прашања?
Во овој сегмент објаснувањето од претставниците на Комисијата е дека секоја одлука поврзана со преговорите се носи со едногласност од сите земји членки на ЕУ.
„Дали може да гарантираме дека некоја земја, не само Бугарија, нема да блокира? Не можеме“, велат дипломатите.
Но, истовремено објаснуваат дека позицијата на Северна Македонија е посилна ако почне преговори, а не ако остане надвор. Притоа, велат дека не постои конкретен бенчмарк во „добрососедството“ со чие исполнување или неисполнување од страна на Северна Македонија би се формализирала потенцијалната одлука за блокада.
Со други зборови, велат дека блокада во преговарачки процес која не е конкретно врзана со наведените критериуми е политички тешка одлука за која би имало последици за угледот и кредибилитетот на членката која би се решила на таков чекор.
Македонскиот јазик и идентитет
Во овој дел бриселските технократи сметаат дека има чиста формулација за македонскиот јазик зашто тој е именуван без какво било друго појаснување или фуснота.
„Самиот факт дека се вели дека целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик и дека земјата треба да обучи соодветен број преведувачи јасно укажува дека јазикот е заштитен“,
уверуваат од Европската комисија.
Нивното објаснување за тежината на „едностраните изјави кон јазикот“ е дека таквите изјави се користат често во процесот на функционирање на Унијата и дека тие имаат значење за домашната јавност на засегната членка на ЕУ. Дополнуваат дека токму вакво решение имал и португалскиот предлог кој беше прифатен од одговорните во земјава.
Оттука, нивната проценка и анализа е дека јазикот и идентитетот се заштитени со предлог-рамката. За пример, во овој дел, укажуваат на преговарачката рамка за Црна Гора каде јазикот беше именуван како „официјален јазик“.
Реотворање на предлогот?
Едно од прашањата до Брисел е што доколку се прифатат сугестиите и идеите на одредени политички и експертски кругови за барање за редефинирање на овој предлог чија содржина го антагонизираше општеството.
„Потенцијално, ако воопшто е можно, отворање на содржината на предлогот би значело две работи – првата, дека ќе биде потребно дополнително време што би значело дека ќе има промена во динамиката и дека ЕУ ќе го продолжи процесот само со Албанија и втората дека таквиот чекор не би донел извесност дека ќе стигне подобар предлог од овој што е на маса“,
е одговорот на дипломатите од Брисел.