Дел од демонстрантите кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решение на спорот со Бугарија се префрлија од булеварот Илинден во дворот на зградата на Владата, објави порталот А1он. Според снимката од видео-преносот во живо кој го прави овој медиум, на моменти може да се види поголема група на луѓе кои се на платото пред Илинденска 2, а до вратите на објектот ги дели само полициски кордон.

А1он известува дека демонстрантите се пробиле во дворот на владата по судир со полицијата, која имала поставено кордон. Порталот Нова ТВ, пак, јавува дека била пробиена само заштитната ограда и не споменува судир со полицијата. На една од фотографиите објавени на Нова ТВ може да се види и барем едно лице меѓу демонстрантите со „фантомка“ на главата.
Демонстрантите повремено скандираат „Оставка, оставка“ и „Никогаш Северна, само Македонија“.