Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме план и стратегија која очигледно дава резултат, кажа премиерот Димитар Ковачевски, индиректно изразувајќи позитивен став кон денеска пристигнатиот француски предлог
Историјата нема да биде дел од преговарачката рамка, што беше една од нашите забелешки, кажа Ковачевски
До Министерството за надворешни работи е пристигнат предлог од француското претседателство во однос на спорот со Република Бугарија. Со овие зборови премиерот Димитар Ковачевски ја почна прес-конференцијата во Владата за новиот развој на настаните од кои зависи дали земјава ќе почне преговори за пристапување кон Европската Унија.
Во следните неколку реченици тој го повтори она што во текот на денот Владата веќе го соопшти – дека предлогот е основа за отворање консултации и дека конечната одлука ќе биде донесена по нивно завршување.

„Предлогот е стигнат по нашата интервенција во Брисел и нашата реакција на драфт-документите кои јавноста имаше можност да ги издискутира минатата недела. Сакам да повторам и да ги уверам граѓаните дека ние имаме план и стратегија која очигледно дава резултат. Затоа, апелеирам до сите политички актери и до медиумите да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на официјални информации од институциите. Процесот ќе биде транспарентен и ние ќе споделиме со јавноста релевантни детали по што ќе може да се донесе финална одлука. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и сите нејзини граѓани“,
кажа Ковачевски.
Своето обраќање Ковачевски го заврши со благодарност до сите што досега биле конструткивно вклучени во процесот по што новинарите добија шанса да постават прашања.
Историјата нема да е дел од преговарачката рамка
Првата група прашања до Ковачевски беше дали Владата е задоволна од предлогот, особено што државниот врв во соседна Бугарија веќе кажа „да“, што сугерира дека таму е примен позитивно. Потоа, дали историјата ќе влезе во преговарачката рамка и дали внесувањето на Бугарите во Уставот ќе се случи пред или по првата меѓувладина конференција.

За експресниот став на Софија, Ковачевски кажа дека се должи на тоа што источниот сосед веќе имал процес на консултации во рамки на тамошните институции. Таков процес, објасни Ковачевски, кај нас не се случил, бидејќи Северна Македонија имала забелешки на претходниот предлог кој Бугарија, патем, го прифати.
Меѓу редови, Ковачевски објасни дека актуелниот предлог е примен позитивно од владиниот врв.
„Со оглед на тоа што, како што кажав во обраќањето, нашите забелешки се содржани во новиот предлог кој се наоѓа во моментов на анализа во МНР, можеме да го отпочнеме процесот на консултации кај нас“,
одговори Ковачевски.
Во однос на исторските прашања, Ковачевски беше директен и јасен.
„Едно од нашите барања беше дека историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ“,
кажа Ковачевски.
Без да одговори на прашањето дали вметнувањето на Бугарите во Уставот треба да се случи пред или по првата меѓувладина конференција, Ковачевски ги информираше новинарите дека веќе од утре ќе имаат можност да бидат информирани од Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.
Колку долго ќе траат консултациите?
Следните прашања што ги доби премиерот се однесуваа на консултациите – кога предлогот ќе и биде претставен на јавноста, но и дали има временски рок – до кога треба да завршат тие консултации.
Ковачевски, индиректно, одговори дека нема временска рамка за должината на процесот за консултации.
„Толку колку што е потребно време за да бидат информирани коалициските партнери, политичките партии, Владата, Собранието, толку ќе трае и процесот на консултации. Вклучително, нормално, и на медиумите, на експертската јавност, на невладините организации“,
одговори Ковачевски.
На ова следеше констатација и прашање од новинарите дали тоа значи дека Албанија и Северна Македонија се раздојуваат на патот кон ЕУ, имајќи ги предвид најавите дека Тирана веќе следната недела би ја одржала првата меѓувладина конференција, како што изјавуваа владини претставници таму. Премиерот одби да коментира.
„Во однос на тоа што ќе се одвива во Европскиот совет во наредниот период, единствено одговор може да даде Европскиот совет и претставниците таму. Така што, јас не би коментирал кој кога отпочнува со своите постапки“,
одговори Ковачевски
Како ќе се уредат исторските и други прашања?
Ако историјата, односно протоколот, не е дел од преговарчката рамка тогаш како ќе се решат тие теми? Ова беа следните прашања што ги доби премиерот Ковачевски.

„Во однос на одвивањето на самиот процес на претпристапни преговори со ЕУ, тоа е дефиниран процес во рамки на ЕУ којшто е дел од стандардите во ЕУ како и дел од преговарачката рамка и тој процес го водат земјите членки на ЕУ од моментот кога земја кандидат ги отпочнува преговорите. Во однос на протоколот што го спомнувате, тој протокол не е прв протокол, значи тоа е втор протокол од комисијата којашто работи на следење и спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој Договор е еден од документите што ние сме ги потпишале, одобрен во Собранието и проколот којшто е усогласен, исто така, детали ќе бидат презентирани од страна на Министерството за надворешни работи“,
кажа Ковачевски.
Следното прашање беше – кои се гаранциите дека нема да има нови барања од Бугарија?
„Јас ви одговорив дека откако ќе започне процесот на преговори и откако ќе биде усвоена преговарачката рамка, тогаш процесот се води од страна на земјите членки на Европската Унија. А ние, имаме исто така обврска како држава кандидат за членка во ЕУ да ги негуваме добрососедските односи и тоа не само со Република Бугарија, туку и со сите други соседи, бидејќи да не заборавиме, ние имаме договор и со Република Грција кој, исто така, е еден од темелите на нашето пристапување кон ЕУ“,
изјави Ковачевски.
Уставот па преговори или преговори па Устав?
Следното прашање беше за едно од прашањата кои и досега се дебатираа. Дали Северна Македонија ќе мора да ги вметне Бугарите во Уставот пред официјалниот пичеток на преговорите или пред отворањето на првиот кластер, за што патем е потребно двотретинско мнозинство?
За вклучувањето на Бугарите во Уставот и потребното мнозинство, Ковачевски кажа:

„Тука не зборуваме само за граѓаните кои се со бугарско самоопределување, туку и за хрватско и за црногорско, ние веќе имаме изјави од сите политичките актери во државата дека тоа е процес што сите ќе го поддржат. Второ, во однос на поддршката и во однос на консензуалното прифаќање на она што ќе сметаат нашите граѓани, нашите парламентарци, нашите членови на Влада, сметам дека треба да биде со најширок консензус, бидејќи на ваков начин ние правиме исчекор кон отворање на првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ“,
одговори Ковачевски.
За тоа дали ќе мора да се смени Уставот пред да се отвори првото поглавје, Ковачевски одговори:
„Првата меѓувладина конференција секогаш значи почеток на скрининг процесот. Меѓутоа, за деталите во однос на фазите во меѓувладините конференции, од првата па понатаму, ќе информира утре вицепремиерот за еворпски интерграции, во чијашто исклучива надлежност е овој процес“,
кажа Ковачевски.
Прес-конференцијата премиерот ја заврши со одговор дека протоколот е усогласен меѓу Северна Македонија и Бугарија.