ВМРО-ДПМНЕ го обвинува спикерот Талат Џафери дека со серија погрешни постапки сторил огромна повреда на законодавниот дом. Интерпелацијата за Џафери е единствената точка на денешната седница, која ќе трае до полноќ
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на македонски јазик од говорница даде свое образложение на интерпелацијата која против него ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Џафери кажа дека ќе зборува на македонски за подобро да биде разбран, а посочи и дека образложувањето ќе го почне со поговорка.
„Да се погледне во огледало секој што ќе стане да го оптужува другиот и пред да го направи тоа, самиот да се преиспита што е што во нештата, кога ќе се спорат фактите и аргументите“,
кажа Џафери.
Тој тврди дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано го навредуваат на лична основа.
„Нема кој епитет не ми го споменавте на лична основа. Ако мислите дека треба на такво ниво да се спуштиме, јас нема да дозволам. Кога ме потсетувате на работите, потсетете се и самите како и што сте постапиле…Пак ќе прашам зошто Антонио Милошоски е прв потписник на интерпелацијата, а е 27ми пријавен за збор? Оти знае дека до полноќ нема да дојде на ред“,
рече Џафери.

Говорот на Џафери следува по излагањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој пак обвини дека Собранието е претворено во машина за гласање со дозвола на Џафери, како и дека спикерот континуирано го прекршувал Деловникот.
„Колку и да имате направено добри работи, што не е спорно дека се направени, верувајте, со овие активности кои ги преземате, а тоа е спречување на опозицијата во дискусии, со злоупотреба на европското знаменце, со злоупотребата на скратените постапки, Деловникот, вие имате сторено огромна повреда на Собранието. Очекувам сите пратеници кои потајно коментираат, вечерва до полноќ да гласаат за интерпелацијата“,
кажа Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ. Седницата ја води потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. Пратениците од опозициската партија не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од функцијата, но сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.
Седницата може да се следи во живо на јутјуб каналот на Собранието.