Во последниве две недели беа спроведени две големи акции од страна на затворската полиција и МВР во две Казнено поправни установи – затворот Идризово и затворот во Штип. Вкупно беа запленети над 60 мобилни телефони, 42 ножеви, дрога и други недозволени предмети и супстанци
По претресот на средината на месецов во Идризово, вчера беше разрешен директорот на најголемиот затвор во земјата, Реџеп Реџепи. По вчерашниот претрес во штипскиот затвор, пак, од Управата за извршување на санкции за „360 степени“ велат дека се утврдува евентуалната одговорност на тамошното раководство за состојбите во затворот
При претресот во затворските простории пронајдени се 11 мобилни телефони, пет ножеви, пет штрафцигери и 23 500 денари кај едно лице. Во една соба се пронајдени и кеси со прихотропни супстанции и недозволени материи. Ова е дел од „билансот“ од вчерашниот претрес во затворот во Штип кој го спроведоа затворскта полиција и припадници на МВР.
Акцијата, односно акциите, имаат очигледна цел – обид на надлежните да ја вратат изгубената дисциплина во затворските установи кога станува збор за користење на нелегални предмети и супстанци. Колку што обидот е позитивен чекор, толку и отвора прашања суштински прашања – како воопшто дошло до актуелната ситуација и кој е одговорен?
Први на удар – директорите
Дали ќе има промени на раководните позиции во затворите како одговорност за состојбите, беше првото прашање кое уште вчера го испративме до Министерството за правда, ресор под чија капа е Управата за извршување на санкциите која пак е надлежна за затворските установи. Додека чекавме одговор, Владата соопшти дека го разрешила директорот на затворот Идризово, Реџеп Реџепи, каде пред две недели беше спроведена слична акција како онаа во Штип и беа најдени повеќе недозвелени предмети и супстанци.
А кога стигна одговорот, освен за одговорноста во Идризово, од Управата велат дека допрва ќе се утврдува евентуалната одговорност и на директорот на затворот во Штип. Но, институцијата потенцира и дека не се само директорите одговорни за состојбите.
„Одговорност за затекнатата состојба при извршениот претрес во казнено – поправните установи не може да се лоцира само кај раководните лица на установите, туку истата треба да се утврдува на повеќе нивоа затоа што се прибираат докази за постапки кои претставуваат дисциплински престап на осудените лица, потоа се идентификуваат докази за евентуални прекршоци или кривични дела на вработените во КПУ. По изготвувањето записник за сите утврдени неправилности кои произлегуваат од менаџирањето со установите, одговорност може да биде побарана и од директорите на Казнено-поправните установи од страна на Владата на РСМ која ги именувала на таа функција во извршната власт. Ве информираме дека Владата на вчерашната седница го разреши од функцијата директор на КПД Идризово, Реџеп Реџепи. Каков ќе биде епилогот по вчерашната акција во затворот во Штип ќе се знае откако надлежните институции целосно ќе го расчистат случајот“,
велат за „360 степени“ од Управата за извршување на санкциите.
По вчерашната акција во Штип, од Министерството за правда употребија и силен речник во соопштението во кое информираа за настанот, дека „секое именувано лице, доколу стори кривично дело… ќе сноси одговорност“. На нашето барање за појаснување – кому е упатена оваа порака го добивме овој одговор:
„Со Кривичниот законик се уредени сите кривични дела за кои пред лицето на правдата треба да биде изведен секој сторител на кое било кривично дело. Оттука, јасно е дека пораката се однесува и на сите сторители на кривични дела во затворскиот систем, без разлика дали се работи за осудено лице, вработен во КПУ или директор на КПУ, за да на сите им стане јасно дека обрачот околу корупцијата во затворите мора да се затега и тоа не само на овој начин“,
велат од Управата.
Или, според тонот на вчерашните и денешните ставови од Министерството за правда, веројатно е дека ќе има и кривична одговорност за пронајденото при претресите. Од кажаното, сепак, не може да со сигурност да се претпостави и против кого.
Зошто на затворите им требаше помош од МВР за нешто што треба да е секојдневние?
За сите работи внатре затворските ѕидини надлежна е само една служба – затворската управа. Со други зборови, претресите, контролата што влегува и излегува од затворот, грижата за безбедноста на затворениците – сето тоа е работа на чуварите, командирите, заповедниците и директорот.

Но, јавна тајна е дека затворските служби немаат постојана и потполна контрола на се што се случува внатре. Минатата година, во КПД Идризово, беше повреден чувар кога со неколку колеги се обиделе да извршат претрес во ќелија на што се спротиставила група на затвореници со остри и тврди предмети. А и веднаш после последниот голем претрес во Идризово, беше запалена колата на еден од командирите од затворот и тоа додека било паркирано во кругот на затворото. Ова се само дел од настаните што покажуваат дека луѓето внатре имаат голема моќ и внатре и надвор од затворот.
Полицијата, барем досега, била употребена во затворите во земјава но само при ретките бунтови. Тоа беше и причината што побаравме објаснување – зошто се користи полиција за нешто што е редовна активност? Од Управата ни одговорија дека МВР се вклучени бидејќи претресите се спроведуваат по наредба на обвинителството.
Преземените акции во двата казнено – поправни домови: Идризово и Штип, се спроведени во соработка со МВР на РСМ и припадници на затворската полиција од повеќе установи, постапувајќи по наредба на Основните јавни обвинителства во Скопје и Штип. Целта беше да се спроведе претрес во таргетирани простории и осудени лица, да се пронајдат предмети кои на осудените лица не им е дозволено да ги поседуваат и за кои постои основано сомнение дека се предмет на сторени кривични дела.
Но, на другите прашања за учеството на полицијата при акцијата, од Управата за извршување санкции признаваат дека бројноста на затворската полиција е „недоволна за да спречи евентуална ескалација“, особено при пренатрупаност на затворите.
„При спроведувањето на акциите кои се предмет на оваа анализа, припадниците на МВР имаат задача да го обезбедат просторот и да спречат евентуална ескалација и безбедносен ризик, како и да обезбедат докази за сторени кривични дела ако такви се откријат, додека претресот го вршат припадниците на затворската полиција кои се единствени овластени да вршат претрес во КПУ/ВПУ. Освен тоа, бројноста на припадници во затворската полиција е недоволна за да спречи евентуална ескалација и безбедносен ризик за редот и мирот во установата, а како што е познато казнено-поправните установи се пополнети и над капацитетот што уште повеќе го оправдува погоре наведеното“,
велат од Управата за „360 степени“.
На еден или друг начин, сепак, акциите ќе продолжат, велат од Управата за извршување на санкции. И како редовна активност на затворските служби но и како организирани акции како последните, во затворите во Штип и во Идризово. Само така, велат надлежните, „пристапот кон намалување на коруптивните активности ќе биде многустран и одлучен“.