На Самитот една од главните теми се очекува да биде новиот стратешки концепт кој би ја дефинирал Русија како директна безбедносна закана за НАТО
Со гала вечера организирана од шпанскиот крал Филип Шести и кралицата Летиција за дел од шефовите на државите вечерва во Мадрид започнува самитот на НАТО. Утре ќе се одржат две работни сесии на ниво на шефови на држави или влади, а в четврток, на последниот ден од самитот, една работна седница на највисоко ниво.

Околу 10 000 припадници на безбедносните сили се распоредени низ Мадрид пред самитот на НАТО, на кој во следните два дена ќе се соберат шефовите на држави или влади на 30 земји-членки на НАТО и уште десетина лидери на земји-партнери или вкупно 5 000 учесници.

Според шпанското Министерство за одбрана на висока готовност се борбените авиони и противвоздушната одбрана, додека информативните мрежи се под засилен надзор поради опасност од кибер напади.
Покрај лидерите на 30-те земји-членки на НАТО, на самитот се поканети и лидерите на уште десетина земји, меѓу кои Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја и Грузија.

Во Мадрид се и лидерите на Шведска и Финска, земји кои аплицираа за членство во НАТО, но Турција се противи на тоа. Се очекува, учесниците на Самитот да побараат од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да им овозможи на двете земји да се приклучат на воениот сојуз.
На состанокот учествуваат и лидерите на ЕУ – претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во пресрет на самитот во Мадрид, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека НАТО ќе го зголеми бројот на војници кои се во состојба на висока готовност од околу 40 000 на повеќе од 300 000.
На Самитот учествува и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
На дневен ред на самитот е прашањето за тоа како рускиот напад врз Украина и новата безбедносна реалност во Европа влијаат на пристапот на НАТО кон одбраната и одвраќањето.