ВМРО – Народна партија смета дека бугарскиот парламент со одлуката да го поддржи „францускиот предлог“ и да даде согласност да биде тргнато ветото кон Северна Македонија, де факто ја поништува Декларацијата на бугарскиот парламент од 2019 година со која беше поддржана познатата Рамковна позиција за Македонија.
„Со Рамковната позиција, од Северна Македонија се бараше самата да објави дека „македонскиот јазик и македонската нација потекнуваат од 1945 година, а пред тоа биле бугарски. Сметаме дека тоа е голем напредок во корист на нашата држава“,
велат од ВМРО-НП.
Од ВМРО – Народна партија оценуваат дека францускиот предлог треба да претрпи одредени корекции и ги повикуваат македонските власти да не ја испуштат оваа шанса.
Оттаму велат дека се непријатно изненадени дека најголем дел од противниците на „францускиот предлог“ сè уште сметаат дека најголем проблем е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
„Оваа позиција не можеме да ја разбереме и навистина сакаме да споделиме дека тоа не само што не е проблем туку е и голем исчекор за Македонија“,
велат од ВМРО-НП.