„Што се однесува за гаранциите за културно-историското наследство, за учебниците, говорот на омраза, кои се заштитуваат, вчера пратениците изгласаа бланко чек. Многумина од нив не ни успеаја да сфатат дека тој не ги содржи категорично потребните механизми, рокови и критериуми за заштита. Тоа ги остава идните бугарски влади да си водат спорови со македонската страна без можност тие да вродат со плод“, изјави денеска бугарскиот претседател
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, не е во целост задоволен од пакетот документи во т.н. француски предлог кои вчера ги усвои Народното собрание на Бугарија. Тој смета дека поради невнимание на политичарите е направен пропуст во однос на бугарско-македонскиот (билатералниот н.з) протокол, бидејќи со него Бугарија, на никаков начин, не ги заштитила своите барања.
„Што се однесува за гаранциите за културно-историското наследство, за учебниците, говорот на омраза, кои се заштитуваат, вчера пратениците изгласаа бланко чек. Многумина од нив не ни успеаја да сфатат дека тој не ги содржи категорично потребните механизми, рокови и критериуми за заштита. Тоа ги остава идните бугарски влади да си водат спорови со македонската страна без можност тие да вродат со плод“,
вели Радев.
Тој смета дека на овој пропуст му кумувало отсуството на координација на дипломатите од бугарското МНР со неговиот кабинет и потрошеното време и енергија од нивна страна во обидот да ја вметнат во документите повеќенасочната политика на премиерот Петков во некакви прифатливи рамки.
Радев е задоволен од фактот дека наспроти првичното противење на сите партии, освен на ИТН, било прифатено и сега е веќе дел од преговарачкиот процес барањето за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.
За него, францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но тој можел да биде и многу подобар, доколку бугарските политичари посветиле повеќе внимание на целиот процес, рече денеска Радев коментирајќи ја вчерашната резолуција на бугарското Собрание со условите под кои Бугарија ќе го подигне ветото за евроинтеграциите на С Македонија.