Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава
Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека најостро ги осудува вчерашните написи „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците, но и усно пренесени од говорницата за време на седницата на бугарското Народното собрание, во дебатата за резолуцијата со условите под кои Бугарија ќе го подигне ветото за евроинтеграциите на С Македонија.
„Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот“,
наведува МНР.
Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
„Министерството за надворешни работи на Северна Македони ја врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи“,
се додава во соопштението.
За време на седницата, од преносот на бугарските телевизии можеше да се видат пратеници кои држеа листови на кои пишуваше „Македониај е Бугарија“, а и пратеници од националистичките партии изразија територијални претензии и негирање на македонскиот јазик и постоењето на нашата држава.