Милошоски реагира на фејсбук-статусот на министерот за надворешни работи Бујар Османи во кој тој му порача на бугарскиот парламент дека усвојувањето денеска на резолуцијата, како што е предвидено во предлогот што вчера го поддржа Комисијата за надворешна политика, ќе го блокира долгорочно европскиот процес
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, реагира на фејсбук-статусот на министерот за надворешни работи Бујар Османи, во кој тој му порача на бугарскиот парламент дека усвојувањето денеска на резолуцијата, како што е предвидено во предлогот што вчера го поддржа Комисијата за надворешна политика, ќе го блокира долгорочно европскиот процес и ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок.
Притоа, Османи посочува на зборови „протокол“ и „отворање“ кои не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија.
Милошоски во објавата бара оставка од премиерот Ковачевски и од Османи.
„Премиерот Ковачевски и министерот Османи се двајцата актери на кои им се случи најголемиот дипломатски дебакл, после оној со Лисабонската декларација. Македонија доби непринципиелен и понижувачки предлог за преговарачка рамка, преполн со наметнати билатерални прашања и со поглед во минатото. Факт е дека во обликувањето на овој документ активно учествувале и Ковачевски и Османи, иако тоа го криеја од јавноста. Затоа нема потреба ниту од два збора ниту има потреба од правдање со загради. Еден збор е доволен. Оставка“,
напиша Милошоски на Фејсбук.
