Финансирањето на ЕУ ќе го спроведуваат хуманитарни групи што се активни во земјата, вклучително и невладините организации и Обединетите нации, објави во четвртокот одделот за хуманитарна помош на Европската комисија
Воедно, авганистанските власти денеска ја прекинаа потрагата по преживеаните во големиот земјотрес во кој загинаа над илјада луѓе, а најмалку 1 500 се повредени. Сè уште не е познато колку луѓе се под урнатините поради што се стравува дека бројот на жртвите би можел да биде поголем
Европската Унија ќе испрати хуманитарна помош од еден милион евра за Авганистан по смртоносниот земјотрес што ја погоди земјата во средата, во кој загинаа повеќе од илјада луѓе, а најмалку 1 500 се повредени.
Финансирањето на ЕУ ќе го спроведуваат хуманитарни групи што се активни во земјата, вклучително и невладините организации и Обединетите нации, објави во четвртокот одделот за хуманитарна помош на Европската комисија.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, истакна дека ОН се целосно мобилизирани во Авганистан.
„Нашите тимови се веќе на терен, ги проценуваат потребите и обезбедуваат првична поддршка“,
посочи Гутереш.
На 22 јуни во источниот дел на Авганистан беше регистриран земјотрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала. Најпогодена од земјотресот е југоисточната авганистанска покраина Патика. По земјотресот, талибанците побараа помош од меѓународната заедница за да се справат со последиците од катастрофата.
Воедно, авганистанските власти денеска ја прекинаа потрагата по преживеаните во големиот земјотрес во кој загинаа над илјада луѓе, а најмалку 1 500 се повредени. Сè уште не е познато колку луѓе се под урнатините, поради што се стравува дека бројот на жртвите би можел да биде поголем.
Според властите, во земјотресот делумно или целосно се уништени околу 10 000 куќи.