Воедно, денеска е третиот ден од генералниот штрајк во јавниот сектор кој го организира ССМ со барање за линеарно покачување на платите за 2 806 денари и враќање на правото на регрес за годишен одмор
Откако протестираа пред Собранието и Владата, претставниците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за денеска најавија нов протест, овој пат пред Министерството за финансии.
Воедно, денеска е третиот ден од генералниот штрајк во јавниот сектор кој го организира ССМ со барање за линеарно покачување на платите за 2 806 денари и враќање на правото на регрес за годишен одмор.
Вчера, во рамки на активностите од генералниот штрајк, ССМ организираше протест пред зградата на Владата, поставувајќи 21 столче – по едно за секој министер, а во насока на потсетник за своите барања.
Лидерот на ССМ, Дарко Димовски, вчера пред Владата апелираше и ги повика владините претставници проблемот да се реши што поскоро, а нивните барања да бидат исполнети или преку усвојување на амандманот кој го поднесоа до Собранието или со Општиот колективен договор во јавниот сектор.
Синдикалците завчера поставија 120 празни столчиња пред Парламентот сакајќи да ги потсетат пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите.
Од Синдикатот се задоволни од текот на штрајкот кој најавија дека ќе трае сè до исполнување на барањата.
Од Владата, пак, стојат на ставот дека треба да се зголемат платите, но велат оти мора да се најде одржливо решение, а не проблемите да се решаваат со ад хок решенија.
Во меѓувреме, во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. На оваа седница не беше прифатен амандманот со кој се бараа пари за предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари.