Јужната граница се мониторира и од птичја перспектива, со помош на термална камера. Опремата е стационирана во караулата Богородица, која има стратегиска позиција во областа. Техничките можности на камерата овозможуваат да се регистрира секое движење и на неколку километри во длабочина или во широчина и да се открие обид за нелегално преминување на границата.

Обидите за нелегален влез во Македонија најчесто се случуваат навечер. Мигрантите се ориентираат по реката Вардар и железничката пруга. Товарните возови што пристигнуваат од Грција се проверуваат темелно. По дојава, полицијата изминатиов период фаќа групи мигранти и по околните села. Контролата на јужната граница првенствено е одговорност на граничната полиција.

На граничниот камен 59, за разлика од 2015 година, сега е мирно и празно. Границата вдолж педесетина километри ја обезбедува македонската полиција придружувана од колегите од Чешка, Австрија, Унгарија и Словенија. Полициските патроли дневно регистрираат до четириесетина мигранти кои се обидуваат илегално да влезат на наша територија.

Откако е прогласена кризна состојба поради ситуацијата кај соседите, координирано, на нашата граница асистира и Армијата.

Зајакнувањето на силите е доволно за да се амортизира евентуален прв бран на мигранти, а потоа, поучени од искуството од пред 5 години, бројот на војници и полицајци, би се зголемил според потребите.
„Вршиме контрола на државната граница, извидуваме, патролираме, собираме информации, набљудуваме. Исто така, вршиме асистенција за транспорт на мигранти во случај да има потреба полицијата. Постапуваме согласно пропишаните правила и упатства што ги имаме. Не употребуваат некоја сила врз нас, и ние исто врз нив, така што не сме имале некаков проблем. Ги регистрираме, ги спречуваме да ја поминат границата нелегално“,
вели капетан Блертон Иса.

Празен е и Транзитниот центар „Винојуг“ лоциран непосредно до границата. Тој има топла вода, греење, и капацитет за сместување на 500 луѓе. Но, мигрантите што сега се фаќаат при илегален влез во земјава, немаат право да престојуваат во него.
Тимовите на Црвениот крст дава помош по повик на полицијата, доколку е потребно, пред мигрантите да бидат вратени на грчка страна.

„Дополнително се подготвени и одреден број на волонтери кои во случај на потреба ќе дојдат на терен да одговорат на потребите, додека во однос на резервите што ги имаме за одреден број луѓе сме моментално подготвени, но, секако, дека ќе треба дополнителни донатори, дополнителна хуманитарна помош, зависно од бројките, зависно од евентуално колкав број лица би влегле на територија на нашата држава“,
вели Слободан Митровиќ – координатор на Црвен крст.

Освен внимавање на резервите на хуманитарната помош, Јасмин Реџепи од невладината „Легис“ порачува државата да не им ги ускратува правата на оние што би побарале азил.
„Да се почитуваат повеќе нивните права, на оние кои сакаат да останат во државата. Околу 370 луѓе за 2019 побарале азил. Најчесто бараат азил семејства кои останале заглавени на рутата, останале без пари, биле измамени од некои криумчари и слично или бараат азил поради медицински причини“,
вели Реџепи.
Тој изминативе месеци сретнал мигранти претежно од Пакистан, Бангладеш, Авганистан, Северна Африка. Вели дека е помал бројот на бегалци од воените зони на Блискиот Исток, Ирак и Сирија. Се радува на успехот на оние кои преку нашата држава стигнале до европските земји.
„Ибрахим, еден од дечките што беше тука, неколку месеци е во Франција, учи и работи и земал слободни денови да ги посети другите другари, кои беа сместени тука во контејнерите позади. Има доста такви приказни на млади и семејства кои успеаја преку релокација да преминат во Европска Унија“,
додава Реџепи.

Од друга страна, семејството на Хамид, кое заминало од Ирак поради крвна одмазда, е депортирано од Словачка назад во татковината.

Сликите во импровизираната градинка во Транзитниот центар откриваат што им е во мислите на најмалите престојувачи овде изминативе години.
Луѓе нема, но влезот на Транзитниот центар е претворен во складиште за возила, оти запленетите автомобили, комбиња и камиони на шверцерите на мигранти, ниту Агенцијата за управување со одземен имот ниту полицијата веќе немаат каде да ги чуваат.

И покрај засилената гранична контрола, гевгеличани сведочат дека бизнисот со шверц на мигранти, иако казнив, сепак е жив.
-Како се движат тарифите за шверц?
-Четиристотини-петстотини евра. Зависи колку се, и така.
Они ги носат, ама се договараат негде надвор. Тука ги нема во градот.
-Деновиве имате забележано мигранти?
-Имаше, имаше некои 50 души, 60.
-Каде ги видовте?
-Долу по реката шетаат, па од реката си фаќаат по ридот и тераат.
-Се активира и шверцот на мигранти. Како оди тарифата, за колку пари ги пренесуваат?
-Еее тоа јас не работам, грев ми е.
Они бегаат од нас да не ги кажеме на војската, на полицијата.
Не знам, не знам што да кажам, оти стварно не е добра ситуацијата. Да ескалира, не знам дали ќе ескалира, ама они стварно сакаат да поминат. А инаку за останување, немаат желба да останат тука.
Странската полиција асистира и во градот.

Ставот на државниот врв е целосна забрана за влез на мигранти. Сепак, и покрај прогласената „нулта-толеранција“ за транзит низ Македонија, упорноста да се стигне до целта, дава резултат за дел од мигрантите. Некои успеваат да се протнат преку порозните точки на границите и да се пробијат до западна Европа.
Поврзано:
(ВИДЕО) 360° на грчко-турската граница – час мирно, час бојно поле