По заеднички консултации во изминатите денови, Ковачевски, Рама и Вучиќ сепак одлучиле дека утре да отпатуваат за Брисел
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе одат во Брисел и ќе учествуваат на Самитот Европска Унија-Западен Балкан.
Албанскиот премиер Рама на Твитер објави дека по меѓусебни консултации тројцата лидери на земјите вклучени во „Отворен Балкан“, сепак, одлучиле да заминат за Брисел.
„Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за нова Европска политичка заедница која ја поддржуваме, за ‘Отворен Балкан’ кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде што Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!“,
напиша Рама.
Малку подоцна и премиерот Ковачевски на својот фесбук-профил ја потврди информацијата.
„Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ. Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе биде сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот“,
напиша Ковачевски.
„Јас, Edi Rama и Aleksandar Vučić денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан“,
пишува Ковачевски.

Притоа, тој подвлече дека тројцата лидери на самитот заеднички ќе ги повторат нивните ставови за процесот на евроингтеграциите на регионот.
„Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“,
наведува Ковачевски.
Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи в четврток, пред јунскиот Самит на Европскиот совет, на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.