Во акцијата вчера беа пронајдени поголема сума пари од законски дозволените што осудените лица може да ги поседуваат, како и 50-ина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножа и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста и течна состојба и други предмети
Никој нема да биде поштеден од одговорност, порача денеска министерот за правда Никола Тупанчески по вчерашната акција во затворот „Идризово“ каде што беа претресени 25 ќелии и беа пронајдени мобилни, ножеви и дрога.

„Резултатите од акцијата, првичните резултати, се навистина дека се направи добра проценка и уште еднаш се реагираше на начин на којшто всушност би требало да биде, како во иднина треба да се реагира доколку се појават такви девијантни однесувања. Се разбира, никој нема да биде поштеден од одговорност. Се работи за количина на мобилни телефони, ладно оружје итн. Без оглед на сè, зборуваме за затворска популација или зборуваме за казнено-поправна установа од затворен тип. Само по себе, пред сè ,тоа подразбира одговорност, не станува збор за некаква дисциплинска повреда и не се работи за некоја лесна форма на криминалитет, самото по себе тоа подразбира дека одговорност треба да има. Меѓутоа, да го оставиме тоа да го завршат институциите коишто се надлежни“,
истакна Тупанчески на прес-конференција со директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски.
Координирани акции, најави тој, во казнено поправните установи ќе има и во наредниот период и секое именувано лице ќе сноси одговорност доколку стори кривично дело за злоупотреба на службената положба.
Во акцијата вчера беа пронајдени поголема сума пари од законски дозволените што осудените лица може да ги поседуваат, како и 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножа и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста и течна состојба и други предмети.
Директорот на Управата, Спасовски, пак, нагласи дека претресот бил неселективен и оти сè уште постојат индиции дека има мобилни телефони.

„На редовно ниво се вршат претреси на одредени ќелии, меѓутоа станува збор за најголем затвор и не е можно во една акција да бидат опфатени сите ќелии“,
истакна Спасовски.
На прес-конференцијата министерот Тупанчески, зборувајќи за затворите, информираше и за неодамнешната посета на Комитетот за борба против тортура и нечовечко понижување и постапување во затворите во чии извештаи имаше сериозни забелешки за дел од затворскиот менаџмент кој според нив не ги исполнуваат условите за извршување на функцијата. Пораката била пренесена и до Министерството за правда, заедно со другите институции да се отпочне со отстранување на недостатоците.
„Ова е почеток на она што може да претставува афирмација и соодветна реакција за девијантните појави. Ова е шанса да се отпочне со подобрување на состојбите во затворите“,
порача Тупанчески.