Кога државата ќе те направи кираџија во своја куќа – четири семејства од Скопје 15 години се по судови поради незаконски спроведена денационализација. Погледнете го видеото
Oва земјиште се наоѓа на влезот во Скопје, меѓу населбите Маџари и Автокоманда. Тука некогаш било врвулица од народ, бидејќи на местото се наоѓал автокампотот „Турист“, со ресторан и придружби објекти.
Но, над некогашната зграда со ресторанот на „Турист“ имало и има и неколку приватни куќи.
„Ние претходно сме живееле кај Беко во Центар. По земјотресот куќата е разрушена и оваа куќа му беше доделена од Туристички сојуз на Македонија каде што беше вработен мојот дедо Бркиќ Петар, во 64-та. 66-та е отплатена во целост, за што имаме и документи, уплатници од тоа време – ги исплаќал кон Туристички сојуз на Македонија, тогашна Југославија и во 1966 имаме потврда дека во целост е исплатена и е во негова сопственост“,
ни раскажа Петар Бркиќ, сопственик на куќа близу поранешниот мотел „Турист“.
Лево од некогашниот автокамп има уште двајца жители кои судбината ги натерала да делат по еден кат од иста куќа.
„Јас сум Живко Гичев, роден во оваа куќа 1969 година и сме со правни наследници од 1948 година, дојдени од Егејска Македонија како политички емигранти. Кога дојдоа нашите предци, нашите дедо, баба, татко и неговите, и на Драган татко и дедо, Владата на РМ тогаш ги насели во оваа куќа. Во 1993 година јас и таткото на Драган склучивме договор за купопродажба.“
Автокампот и рeсторанот пропаднале во годините на транзицијата. А куќите, иако откупени, останале да се водат на државно земјиште. По почетокот на процесот на денационализација, се јавуваат наследници на некогашни сопственици на парцелата од околу 8 000 квадратни метри на која функционирал „Турист“. Тогашната Комисија што ја вршела денационализацијата замижува пред фактот дека на локацијата има три легално изградени приватни куќи и им ја враќа целата парцела на наследниците – како да е празна. Тие, пак, веднаш го продаваат имотот на нов сопственик кој видел интерес да инвестира во градби на ова место.
„Во 2006 тој го добива земјиштето. Но, не во владение, бидејќи ни претходните баратели на денационализација го немале во владение земјиштето, бидејќи на самето земјиште постојат куќи на 4 фамилии кои и ден денес живеат овде. Значи, од 2006 досега ние имаме околу 100 рочишта, претставки, жалби, тужби, до сите институции во нашава држава“,
објаснува Петар Бркиќ.
Спорот со имотот ја нарушил и сегашноста и иднината.
„Си имаме планови, нели животов како си оди, си имаме планови да остваруваме фамилии, семејства, а многу сме спречени заради споровиве што ги имаме. И проблем е“,
рече Ивица Бркиќ.

И податоците од Катастарот потврдуваат дека куќите се во сопственост на нашите соговорници. Но, и дека земјиштето гласи на последнот купувач Сабедин Салиовски.
По првите неколку години судски спорови, жителите тврдат дека газдата на земјиштето се обидел, по судски пат, да им наметне и кирија.
„Астрономски суми по некој закони што не соодвествуваат со реалноста. Солидарно, јас и Живко треба да плаќаме 800 евра кирија месечно наназад години колку што е сопственик Сабедин Сали“,
ни кажа Драган Миневски, исто така сопственик на куќа на спорното земјиште.
Го побаравме и сопственикот на земјиштето, Сабедин Салиовски. Според него, куќите на локацијата се времени објекти што треба да се отстранат. Вели и дека барал начин спогодбено да се договори со жителите, но дека не успеал. Сепак, тој одби да зборува пред нашата камера.
Поради неможноста да се најде заеднички јазик, соседите барале помош од државата, преку Државното правобранителство. По серија преписки, молби, барања, адвокатот на државата го препознава проблемот и започнува управен спор за актот што го предизвикал проблемот и за двете страни – денационализацијата при која не било земено предвид дека на вратениот имот има и приватни куќи. Зашто, во ваков случај, законот предвидува дека денационализацијата завршува со надомест за претходните сопственици, но не и со враќање на имотот, барем не за оној дел на кој има легално изградени куќи.

Во 2019 година Управниот суд носи пресуда дека спорната денационализација била незаконска и наложува таа да биде поништена. Надлежната Комисија ја поништува денационализацијата, но пред таа да стане правосилна следува нов и можеби најголем апсурд. Државното правобранителство повторно поднесува тужба до Управниот суд и бара да се поништи поништувањето на денационализацијата, за кое самите тие претходно воделе обратна „битка“.
„Не ми е јасно, зошто тие првично бараа да се поништи, а сега го обжалуваат тоа решение. Значи, тоа треба да се праша државното правобранителство, дали се тие во сервис на народот или народот е во сервис на државава, не знам?!“,
вели Петар Бркиќ.
„360 степени“доби увид во последниот предмет, кој за жителите е неразбирлив. Според тоа што го прочитавме, наводите на Државното правобранителство во последната тужба биле контрадикторни и за судот. Поради тоа судот ја одбил последната тужба на Државното правобранителство како неоснована.
На одлуката на Управниот суд, сепак, Државното правобранителство има право на жалба до Вишиот управен суд. Неофицијално, се очекува Државното правобранителство да ја искористи таа можност.
Упорноста на правобранителството да собори одлука за која се бореле да биде донесена предизвикува уште поголемо чудење кај засегнатите жители.
„Таа постапка да стане правосилно решение, на Комисијата, за поништување ни зависи сите судски спорови досега со Сабедин Сали. Ако тоа решение падне, сите нeгови судски тужби паѓаат, меѓутоа што прави Државниот правобранител? Уште продолжува. Ние сме тука немоќни. Кој е надзорот над нив? Значи они можат се да ми напишат и тоа да помине, и за вас и за секого“,
се пожали Живко Гичев.
„360 степени“ се обрати до Државното правобранителство со три прашања:
Зошто Државното правобранителство поднело тужба против решението што, всушност, е во нивна полза;
Како го коментираат фактот што и Управниот суд им ја прогласи последната тужба за неоснована;
Дали е точно дека продолжуваат да се жалат и до Вишиот управен суд?
Одговорот го пренесуваме интегрално:
„Ве известуваме дека тужбата Државното правобранителство ја поднело од причина што сметало дека при водење на постапката од страна на првостепениот орган неправилно и нецелосно била утврдена фактичката состојба. Во врска со второто и третото прашање, напоменуваме дека судските одлуки не се коментираат, а незадоволната страна има право да поднесе жалба против истата доколку е незадоволна од донесената пресуда и доколку смета дека Судот не ги ценел целосно наводите истакнати во тужбата“,
ни одговорија од Државното правобранителство.
Бидејќи во одговорот нема детали која фактичка состојба не била правилно утврдена од Комисијата за денационализација, побаравме дообјаснување од Државниот правобранител. Еве го одговорот што го добивме:
„Остануваме на тоа дека првостепениот орган до крај и во повторената постапка, при носење на новото решение, целосно не ја утврдил фактичката состојба“,
велат од Правобранителство.
Објаснување зошто – нема.
„Ова нашите го поминаа во Грција, меѓутоа ги избркаа да речеме за 2-3 дена си створија нов живот, меѓутоа ова е многу полошо. Државата да го прави ова на своите граѓани е незамисливо“,
реагира Живко Гичев.
„Сега, покрај споровиве, сфаќам зошто младиве си ја напуштаат државава, бидејќи не се чувствуваатт сигурни во нејзе, ниту правна држава функционира, ниту ред, ниту поредок, нема ништо во државава што е на цврсти нозе. Си ја сакаме државава, си плаќаме даноци, сме примерни граѓани, ама државава изгледа ги казнува примерни граѓани“,
додава Ивица Бркиќ.
„360 степени“ се обрати и до надлежната Комисијата за денационализација – како воопшто првично денационализирале имот без да ги имаат предвид куќите над него, но не добивме одговор. Уште пред десет години извршната власт се пофали дека денационализацијата, во прв степен, е успешно завршена, но ваквите примери се доказ дека во Северна Македонија има ризик преку ноќ да станете кираџија во домот што законски го поседувате.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.