Соочени со многубројни проблеми, си го поставивме прашањето како до крајот на оваа деценија да поттикнеме севкупен економски и општествен развој, да ја зголемиме довербата во институциите и да го намалиме иселувањето на младите и како да ја вратиме надежта кај луѓето, рече претседателот Пендаровски, претставувајќи ја Рамката за развој „МКД 2030“
Тој изрази очекување дека како рамка што се фокусира на големата слика, „МКД 2030“ треба да биде вградена во деталната Национална стратегија за развој 2022-2042 што ја изработува Владата и на тој начин, рече Пендаровски, „МКД 2030“ ќе биде гаранција за континуитетот на секторските политики, независно од идните промени на политичките гарнитури на власт

Забрзан економски раст, заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образованието, младите и инклузивниот развој, се четирите приоритети на Рамката за развој „МКД 2030“ што денеска беше промовирана од претседателот Стево Пендаровски.
„За да постои реална шанса за подобра иднина, од пресудна важност е клучните фактори во државната и општествена инфраструктура да стојат зад една, единствена визија за долгорочен развој. Токму поради тоа и го иницирав процесот за изработка на Рамката за развој ‘МКД 2030’ кој, иако најавен во втората половина на 2019 г., поради пандемијата дури денеска имам задоволство да ви го претставам“,
рече Пендаровски.
Според него, дијагнозата на проблемите со кои со години се соочува Северна Македонија е загрижувачка, поради тоа што како што вели, корупцијата, клиентелизмот и сивата економија нè следат практично од независноста, а имаме скромен економски раст, ниско ниво на конкурентност и недоволна вклученост во меѓународните синџири на набавки.
„Сегашниот развој е еколошки неодржлив, социјално неинклузивен, регионално неизбалансиран, енергетски ранлив. Закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација на општеството и партизација на институциите. Скромното државно вложување во истражување и развој ја намали продуктивноста“,
истакна тој.
Сето ова, како што рече Пендаровски, директно влијае врз растот на БДП, врз платите и врз животниот стандард на граѓаните, особено младите. Па така, продолжи претседателот, од многубројните негативни податоци, на пример, во 2020 година 21,8 отсто од населението живеело под прагот на сиромаштијата, што е двојно повисоко споредено со просекот на ЕУ, а поради ефектите на здравствената, економската и енергетската криза, таа бројка денес е повисока.
„Младите масовно се иселуваат, граѓаните станаа пасивни и аполитични, а недовербата во институциите хронична. Општеството ни е длабоко поделено, а перцепцијата дека е невозможно да се напредува врз основа на сопствените квалитети и способности е сеприсутна“,
подвлече претседателот.
Соочени со овие проблеми, како што додаде Пендаровски, си го поставивме прашањето како до крајот на оваа деценија да поттикнеме севкупен економски и општествен развој, да ја зголемиме довербата во институциите и да го намалиме иселувањето на младите и како да ја вратиме надежта кај луѓето?
Кон остварувањето на оваа голема задача, како што нагласи претседателот, зависи дали ќе исполниме една од клучните цели наведени во преамбулата на Уставот, имено, дека државата се конституира за да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
„МКД 2030“, истакна Пендаровски, не е кабинетски, туку теренски документ, кој експертите го пишувале преку широки консултации во инклузивен и транспарентен процес, а додаде дека во изработката на овој стратешки документ биле вклучени над 60 организации и поединци од граѓански здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации.
Тој детално ги образложи приоритетите во Рамката 2030, истакнувајќи оти се водело сметка и за најнегативните сценарија и најпесимистичките прогнози и токму поради тоа, како што додаде, се очекува „МКД 2030“ да го издржи тестот на времето.
„Првиот приоритет е забрзан економски раст. Тоа подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, нови домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен и динамичен пазар на трудот“,
рече Пендаровски.
Вториот приоритет, како што додаде, е заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, истакнувајќи дека квалитетот на животот и на здравјето директно зависи од квалитетот на животната средина.
„Во тие рамки зборуваме за квалитетен воздух, развивање на ефективен систем на управување со отпадот и интегрирано управување со водите, заштита на природата и биодиверзитетот. Редефинираната енергетска политика ќе треба да биде долгорочно насочена кон задоволување на внатрешните потреби, пред сѐ, од обновливи извори на енергија, и истовремено да биде отпорна кон надворешните енергетски шокови“,
истакна Пендаровски.
Третиот приоритет, посочи претседателот, е дигитализацијата, што истовремено е и цел самата за себе, но, и средство за постигнување на другите развојни приоритети. Оттука, рече Пендаровски, неопходно е забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образование, целосна дигитализација на јавните услуги, подигнување на дигиталната писменост и форсирање на многу посилен развој на македонскиот ИТ сектор.
„Четвртиот приоритет се образованието, младите и инклузивниот развој, три области кои се органски поврзани. За да излеземе од надолната спирала на сиромаштија, социјална исклученост и масовно иселување, потребно ни е образование адаптирано на потребите на пазарот на трудот. Приоритет е да работиме на намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост, да развиваме современи културни политики, да промовираме почитување на човековите права, и да вложуваме во медиумската писменост неопходна за разликување на вистината од лагата“,
нагласи претседателот.
Како што посочи и самиот, сите четири приоритети се меѓузависни и подеднакво важни за развојот на Северна Македонија и затоа треба да се имплементираат, истовремено, без нивно рангирање.
Тој изрази очекување дека како рамка што се фокусира на големата слика, „МКД 2030“ треба да биде вградена во деталната Национална стратегија за развој 2022-2042 што ја изработува Владата и на тој начин, рече Пендаровски, „МКД 2030“ ќе биде гаранција за континуитетот на секторските политики, независно од идните промени на политичките гарнитури на власт.
„Ние самите одлучуваме дали ќе стагнираме или ќе напредуваме. И во времиња кога на дневна основа мораме да менаџираме повеќе кризи одеднаш, не смееме да ги изгубиме од предвид виталните национални стратешки приоритети, а, тие се, до крајот на оваа деценија заеднички да посведочиме на севкупен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите“,
рече тој.
Рамката за развој „МКД 2030“, подвлече претседателот, може да ни помогне да ја направиме Северна Македонија подобро место за живеење во кое македонските граѓани ќе имаат шанса да ги остварат своите животни идеали.
Инаку, на промоцијата на Рамката „МКД 2030“ присуствуваа министри, амбасадори, професори, академици и претставници на невладиниот сектор.