Чавара е ставен на листата бидејќи ги поткопувал демократските процеси и институции на Западен Балкан, Шераниќ пак, затоа што сака да формира посебна Агенција на лекови за Република Српска која ќе биде надвор од надлежностите на Агенцијата за лекови на БиХ, што се слета за сецесионистичка активност
Претседателот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Маринко Чавара, и министерот за здравство и социјална заштита на Република Српска, Ален Шераниќ, се најдоа на црната листа на САД. Како што објаснија американските власти, причината за ваквиот потег е што тие ја загрозиле стабилноста на регионот и го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор и демократските процеси или институции.
„Маринко Чавара и Ален Шераниќ се обидоа да следат етнонационалистички и политички агенди на сметка на демократските институции и граѓаните на Босна и Херцеговина“,
изјави Брајан Нелсон, потсекретар за борба против тероризам и финансиско разузнавање при Министерството за финансии, јави регионалната телевизија Н1.
Чавара e ставен на листата на санкционирани лица за директно или индиректно учество во активности или политики кои ги поткопуваат демократските процеси или институции во Западен Балкан, појасни Стејт департментот.
На Шераниќ му се изречени санкции, како што се посочува, за промовирање на сецесионистичките активности на Република Српска, односно затоа што го водел процесот на донесување на законот со кој се предвидува формирање на Агенција за лекови на РС, која би била на територијата на тој ентитет и би била надвор од надлежностите на Агенцијата за лекови на БиХ.
„Овој закон, кој сè уште не е стапен во сила, предвидува формирање нова агенција само во рамките на Република Српска, со што би се нарушиле овластувањата на државната Агенција за лекови и медицински помагала“,
се наведува во образложението.
Се додава дека формирањето нова агенција на ниво на ентитети претставува опструкција или закана за спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.