Финишира судскиот процес за предметот „Талир 2“. Во завршните зборови, обвинителот Љубомир Лапе побара и одземање на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ зашто смета дека докажеле оти самиот објект е кривично дело. Но, дури и судот да одлучи да ја конфискува зградата, се наметнува дилема – дали државата, слично како со ненаплатените 17 милиони евра од „Трансмет“, ќе остане со празни раце?
Слично, зашто седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е под хипотека кај Комерцијална банка од 2016 година, пред покренување на обвинението за „Талир 2“. Погледнете го видеото во продолжение
Талир е голема сребрена монета кована во раниот модерен период. Кај нас е име на предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство поделен во два дела – за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и за изградбата на нејзиното седиште. Судскиот процес за седиштето – „Талир 2“ е во завршна фаза. Обвинението го застапуваат Ленче Ристоска и Љубомир Лапе. На завршните зборови мината недела, обвинителот Лапе три часа објаснуваше дека доказите наведуваат на тоа дека Никола Груевски и Кирил Божиновски преземале незаконски дејствија за да се изгради новата партиска централа.
„Уште со објавата на јавниот оглас од страна на обвинетите Груевски и Божиновски оставен е простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ и стекнување во сопственост на имот кој согласно закон, политичката партија не ни можела да го стекне“,
кажа меѓу другото во завршните зборови обвинителот Лапе минатата недела.
Вака некогаш изгледаше партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, познато како „Жолтата куќа“. Од неа остана само оваа плоча, откако ВМРО-ДПМНЕ го купи државното земјиште за 110 евра по квадрат или вкупно 130 000 евра и изгради бел неокласичен објект со милионска вредност.
Со скандалозните измени на деталниот урбанистички план за Мал Ринг, ВМРО-ДПМНЕ, од позиција на власт, успеа петкратно да ја зголеми брутно разиената површина на градежната парцела и во соинвеститорство со фирмата „Бетон“ тргна во изградба на седиште и хотел.
„Ние, како теорија на случај, бидејќи сѐ уште нема пресуда, сметаме дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ влегла во деловен однос со друго правно лице со кое и не смеела да влезе“,
вели обвинителот Лапе.
Со првичниот проект на ВМРО-ДПМНЕ требало да и припаднат 43 процентни од изградената површина. Но, кога во 2013 го потпишале договорот со „Бетон“ – наместо 43 проценти, ВМРО-ДПМНЕ добила околу 37 отсто од целиот објект.
„Разликата меѓу тие 43 и 37% значи околу 6% се договараат дека ќе ја надоместат во финансисики средства и тоа по, за нас вчудоневидувачки 3 400 евра квадрат, во која цена е вклучен и гаражен простор, што е целосно непазарна вредност“,
вели Лапе.
Парите од „Бетон“ легнувале на партиската сметка на рати. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ купувала недвижнини низ цела Македонија.
„Од тие причини сметаме дека таа имотна корист која била околу 2 150 000 евра се трансформирала во недвижен имот, конкретно прецизиран во обвинението, којшто и претходно беше замрзнат имот. И од тие причини за тој имот сметаме дека е посредна имотна корист трансферирана во недвижен имот и за таа имотна корист бараме конфискација“,
појаснува обвинителот.

Освен конфискација на партиски имот ширум државата, Обвинителството бара одземање и на централното партиско седиште. Но, дали е тоа можно?
Во имотниот лист за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е запишана хипотека во полза на Комерцијална банка во износ од три милиони евра за кредит што го подигнала партијата. Хипотеката е од 2016 година, односно пред да се отвори предметот „Талир 2“. Ако Судот одлучи како што бара Обвинителството – да се конфискува објектот, се отвора дилемата кој ќе има предност во побарувањето – државата или банката?

Свеж е примерот со предметот „Труст“ и неможноста државата да наплати 17,2 милиони евра од „Трасмет“ на Сеад Кочан оти предност имаа доверителите, меѓу кои и банка – одлука која минатата недела ја „аминувал“ и Врховниот суд, а ја објавија колегите од емисијата „КОД“ на ТВ Телма.
Обвинителот Љубомир Лапе смета дека иако се слични, не може да се влече паралела меѓу случаите „Талир 2“ и „Труст“.
„На мене и на колешката Ленче Ристовска ни беше позната околноста дека имотот е ставен под хипотека, ја имавме предвид и истата како документ беше изведена во фаза на дополнение на доказна постапка. Во компарација на сличностите дали има со предметот ‘Трансмет’ – слично е, меѓутоа и не е исто. Во предметот ‘Трансмет’, колку што се сеќавам, бараме бруто конфискација на имотна корист во износ од околу 17 милиони евра, додека во предметот ‘Талир 2’ бараме одземање на предмет којшто настанал од кривично дело“,
вели тој.
Но, според Дарко Аврамовски, истражувач на Коалицијата „Сите за правично судење“, која ги мониторира предметите на поранешното СЈО, обвинителите требало да обврнат внимание на членот 541 од Законот за кривична постапка, каде меѓу другото се вели дека „правните дела склучени по извршување на кривичното дело, а со намера да се намали вредноста на имотот што е предмет на конфискација, се неважечки“. Аврамовски смета дека банката требало да учествува во кривичната постапка за да се слушне и нејзината верзија и евентуално да се заклучи дали хипотеката е ништовна или не.
„Може да биде конфискувано и може да бидат оспорени и хипотеките на третите лица, правата на третите лица, во случајот хипотеките на банката, меѓутоа третото лице мора да му биде дадена можност да учествува во постапката и да ги заштити своите права. Тоа е процедуралната гаранција којашто е дел од оној баланс што го кажав меѓу заштита на индивидуални права и заштита на колективните интереси на општеството. Хипотетички, таква разлика постои меѓутоа повторно и овдека не е активиран членот 541 од ЗКП“,
вели Аврамовски за „360 степени“.

Одлуката на судот за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ е од 2018 година. Од Комерцијална банка велат дека кога во 2016 е воспоставена хипотеката, партијата имала чист имотен лист за седиштето, без никакво оптоварување. Ако дојде до конфискација, банката нема дилеми кој е во предност за наплатување.
„…Притоа, укажуваме и на начелното правно мислење на Врховниот суд од општата седница одржана на 9.7.2021 година, според кое ‘Решението на надлежен суд донесено согласно Член 200, Став 7, од ЗКП… и Член 202 од ЗКП за привремена мерка со која се забранува отуѓување и располагање со одредена недвижност или подвижна ствар НЕ ПРЕТСТАВУВА ПРЕЧКА И НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА НАДЛЕЖНИОТ ИЗВРШИТЕЛ ПОСТАПИЛ НЕЗАКОНИТО при спроведувањето на извршувањето во постапката за реализација на договорот за залог СКЛУЧЕН ПРЕД донесените решенија за привремена мерка, кој договор има својство на извршна исправa’. Значи, во оваа смисла да заклучиме – хипотеката на Комерцијална банка е воспоставена на 7.12.2016 година, односно 2 години пред донесување на решението за привремената мерка“,
ни одговорија од Комерцијална банка.

„Хипотеката на конкретниот имот е ставена пред поднесување на обвинението, што значи дека ќе треба да се докаже дека постоеле објективни пречки дека не можело во рамките на првостепената постапка да се оспори ова правно дело согласно Законот за кривичната постапка, така што искрено не би знаел како би се одвивала постапката понатаму. Видовме и во рамки на предметот ‘Труст’ дека овие постапки можат да бидат доста непредвидливи и дека може да излезат разни проблеми во одење во постапките, така што навистина не би сакал да шпекулирам нешто повеќе во однос на ова“,
вели Аврамовски.

А белиот дворец се уште е активна централа на ВМРО-ДПМНЕ. Според обвинението, само влезната врата чинела 8 и пол илјади евра. Биле инсталирани и балистички плочи отпорни на куршуми, дабов паркет од прва класа, фитнес центар и скапа техничка опрема.
Актуелниот партиски лидер, Христијан Мицкоски, пред 4 години изјави дека ако добијат соодветна понуда, би го продале или изнајмиле објектот, изјава по која СЈО успеа во барањето да го замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
„По однос на ставот на претседателот Мицкоски, може да потврдам дека останува непроменет, дека правдата мора да биде неселективна и треба да важи подеднакво за сите. Но, доколку власта цени дека со ова ќе направи штета на ВМРО-ДПМНЕ, можам да порачам дека ВМРО-ДПМНЕ не е имотот, ВМРО-ДПМНЕ е народот на Македонија“,
вели Марија Митева – портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

По Обвинителството, завршни зборови за случајот „Талир 2“ треба да изнесе одбраната, по што се очекува првостепена пресуда за уште една тригодишна судска сага.