Извршниот потпретседател на Комисијата за економија, Валдис Домбровскис за хрватските медиуми во пресрет на пристигнувањето во Загреб истакна дека ова е историско достигнување за Хрватска, една деценија по нејзиниот влез во Европската унија
Хрватска е подготвена за воведување на еврото на 1 јануари 2023 година, заклучи Европската комисија во штотуку објавениот најнов извештај, кој на прес-конференција утре во Загреб офиијално ќе го презентира извршниот потпретседател на Комисијата за економија, Валдис Домбровскис. Оценката на Европската комисија е комплементарна на извештајот за конвергенција на Европската централна банка, кој исто така беше објавен денеска.
Домбровскис во разговор за хрватските медиуми во пресрет на пристигнувањето во Загреб истакна дека ова е историско достигнување за Хрватска, една деценија по нејзиниот влез во Европската унија.
Домбровскис смета дека хрватските граѓани не мора да се плашат од еврото, а хрватската влада се обврза да обезбеди конверзијата да биде правична во однос на цените за граѓаните. Иако вестите за влез во еврозоната доаѓаат во време на криза и висока инфлација, Домбровскис смета дека еврото ќе помогне да се одржи стабилноста на цените – инфлацијата беше предизвикана од фактори кои не дојдоа од еврозоната, туку од последиците од пандемијата и војната во Украина – високите цени на енергијата и зголемувањето на цените на храната.
Hrvatska uskoro postaje članica #Eurozone čime ostvarujemo jedan od strateških ciljeva @VladaRH! Prema izvješćima o konvergenciji @EU_Commission i @ecb ?? ispunjava sve kriterije. @EU_Commission predlaže članstvo u #Eurozone s 1. siječnja 2023.! pic.twitter.com/9ahZ6m8g1d
— Andrej Plenković (@AndrejPlenkovic) June 1, 2022
Извештајот на Европската комисија за следење на напредокот на Бугарија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија и Шведска заклучува дека Хрватска ги исполнила сите четири номинални критериуми за конвергенција и дека нејзиното законодавство е целосно компатибилно со основниот договор и статутот на Европската Централна банка.
„Хрватска направи извонреден чекор кон усвојувањето на еврото на 1 јануари. Ова ќе ја зајакне хрватската економија, ќе донесе придобивки за граѓаните, претприемачите и општеството. Ова ќе го зајакне самото евро, кое е една од најсилните валути во светот. Тој е симбол на сила и единство“,
изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На седницата на Националниот совет за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска на почетокот на мај беше објавен новиот изглед на хрватската монета од едно евро, на чиј реверс е куната.
Претставени беа дизајните за сите четири варијанти на хрватските монети од евро и евроценти: на монетата од две евра има географска карта на Хрватска, на монетата од едно евро има карта на куна, додека на педесет центи е ликот на Никола Тесла, а на монетата од 5 евроценти стои глаголицата.