Наскоро ќе имаме нов обид, вели амбасадорката Анке Холштајн во интервју за „360 степени“, најавувајќи ја посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Северна Македонија и на Бугарија, како дел од ангажманот на Берлин за деблокада на пристапниот процес за земјава
Кај рундите на проширување во минатото, на сите земји членки им беше секогаш важно билатералните прашања и историските прашања, кога се предмет на спор, да се решат билатерално. Таквите прашања во минатото беа држани надвор од процесот и тоа е важен принцип и тој треба да се задржи, одговара германската амбасадорка откако во бугарските медиуми се појавија информација дека Софија ќе бара нејзините барања да влезат во Преговарачката рамка за Северна Македонија и дека таков предлог ќе понуди францускиот претседател Макрон
Според Холштајн, нема алтернатива за одбраниот курс и продолжување на реформите. „Ако, на пример, со плаќање кауција од неколку милиони евра се добие поштеда од затвор, тоа е нешто што не придонесува за доверба во судството на земјата“, порачува амбасадорката, како јасна алузија на неодамнешните спогодби меѓу обвинети и обвинителството во јавно експонирани случаи
360°: Амбасадорке, што може Германија да направи во однос на блокираните евроинтеграции на Северна Македонија?
Холштајн: Од пред две години се обидовме да направиме сè што е во наша моќ за да се најде решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, нашите напори беа особено интензивни во втората половина од 2020 година за време на нашето претседателство со Советот на ЕУ. Бевме цврсто убедени дека ќе успееме до крајот на нашето претседавање со Советот да ги отвориме пристапните преговори. Како што сите знаеме, тоа не успеа. И после тоа имаше голем број разговори, многу интензивни лични заложби, од сојузниот претседател, од сојузната канцеларка, од сегашниот сојузен канцелар, од министерот Мас, од министерката Бербок, имаше патувања на дипломати од висок ранг во регионот, наскоро ќе имаме нов обид, сојузниот канцелар Шолц ќе води разговори во Скопје и Софија. Сметаме дека билатерните прашања не треба да имаат место во процесот на проширување, билатералните потешкотии треба да се решаваат паралелно на пристапниот процес и билатерално. Како што сите знаеме, Северна Македонија одамна го заслужи почетокот на пристапните преговори, ги исполни сите предуслови, сите услови, почетокот е повеќе од задоцнет. Сепак, останува важно и понатаму мотивирано и ангажирано да се спроведуваат реформите, само на тој начин е можно понатамошно приближување. За членството во ЕУ нема алтернатива. Берлинскиот процес кој го започнавме во 2014 година се смета за дополнување, а не за алтернатива, тој даде добри резултати, доведе до подобро поврзување на регионот, укинувањето на роамингот е придобивка за сите граѓани во регионот. Можам да Ви ветам дека ангажирано ќе продолжиме со берлинскиот процес и со новата сојузна влада. Колку е ангажирана нашата сојузна влада се гледа и од тоа што коалицискиот договор содржи цел пасус за Западен Балкан. Овие зборови преминаа во дела. На почетокот на преземањето на нејзината должност, државната министерка за Европа и клима, Лирман, допатува во Скопје и како знак на посебното внимание на сојузната Влада за Западен Балкан за првпат имаме специјален пратеник за Западен Балкан кој наскоро ќе го посети Западен Балкан.
360°: Неспорен е германскиот ангажман, ангажманот на германската влада во изминатиот период… Прашањето е што останува, кои се другите начини или можности за Берлин да влијае за промена на ставот на Софија?
Холштајн: Веќе 3 месеци Русија води агресивна војна во Украина. Украина ги брани нашата демократија, нашите вредности, нашата слобода. Тоа доведе до уште потесна соработка меѓу НАТО и ЕУ поради оваа целосно нова геополитичка ситуација и во оваа нова геополитичка ситуација, политиката на проширување е повеќе од кога и да е претходно безбедносна политика. И тоа треба да го сфати секоја земја членка на ЕУ.
360°: Рековте дека секоја земја членка треба да разбере колку е важно проширувањето. Но, како тоа една земја членка ја држи во заложништво целата ЕУ со неисполнување на таа стратешка цел – конкретно продолжување на проширувањето кон Западен Балкан?
Холштајн: Има многу причини зошто во Европската Унија во многу области има принцип на едногласност. Така и за проширувањето, тој и овозможува на секоја земја членка да се слушне нејзината позиција, тоа не е тешко само во политиката на проширување, туку и во политиката на санкции, на пример, каде што стриктно владее принцип на едногласност. И тоа е многу тешко, често пати долго се дискутира. Во меѓувреме, има цела низа на предлози, веќе одамна има низа на предлози како во некои области да се напушти принципот на едногласност. Во областа на проширувањето има предлог, ова едногласно одлучување да биде дури тогаш кога целиот процес на преговори ќе биде завршен. Но, тоа сè уште не важи за сегашниот момент. Сега мора, за жал, да продолжиме со принципот на едногласност што во многу области е оправдан, но е тежок.

360°: Имаше, може да се каже дека се уште има, големи очекувања од јуни дека дотогаш можеби ќе се реши прашањето иако последните изјави кои дојдоа од Рим укажуваат дека тоа е малку веројатно. И самиот Висок претставник за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека доколку во наредниот пердио, барем до крајот на француското претседателство нема решение, односите меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе западнат во сериозна криза?
Холштајн: Неспорно е дека закочениот процес на проширување масивно ја поткопува веродостојноста на ЕУ во регионот. Како и веродостојноста на самата ЕУ. Освен тоа, оставаме простор што други може да го пополнат. И понатаму мора да правиме сè за да се напредува, тоа е сигурно. Тука спаѓа, впрочем, визната либерализација со Косово, напредок во пристапните преговори со Србија и Црна Гора. Од надворешната трговија на Северна Македонија 80% се со ЕУ, од нив 50% од трговијата е само со Германија. 70% од странските директни инвестиции доаѓаат од ЕУ, има голем трансфер на средства од Македонци што работат во ЕУ, за Македонија е важен овој прилив на готовина, економскиот развој е најтесно поврзан со ЕУ. Така што, нема алтернатива за одбраниот курс и ангажираното продолжување на реформите за Северна Македонија. Станува збор за подобрување на областа владеење на правото, борба против корупцијата, ако на пример, со плаќање кауција од неколку милиони евра се добие поштеда од затвор, тоа е нешто што не придонесува за доверба во судството на земјата. Станува збор за професионализација и намалување на администрацијата, транспарентно, предвидливо и ефикасно дејствување на администрацијата. Тоа е важно и за инвестиционата клима во земјата.
Добро образование, можности за обука за младите луѓе и понуди за работа за младите за да може да останат во земјата и сами да си ја создаваат иднината.
Енергетски пресврт, заштита на климата, заштита на животната средина, во овие области треба да се спроведат европските одредби и тоа не е апсолутна цел сама за себе, туку тоа го подобрува животниот квалитет на луѓето и ја модернизира земјата.
360°: Се согласувам со вас дека има уште многу работи кои треба да се завршат за ова општество да дојде до нивото на ЕУ. Но, нели токму европскиот процес ќе го држи во форма реформскиот курс на земјата? Нели е тоа што ќе ја води напред земјата за да ги поправи работите и да го достигне потребното ниво? Ако е тешко да се дојде до почеток на преговори, многу е тешко да се бара од ова општество само да испорачува.
Холштајн: Можам да разберам дека паѓа тешко мотивацијата да се одржува на високо ниво, кога веќе 17 години некој е во чекалната на ЕУ. Сите се согласуваме со тоа, како што беше кажано, мислам дека нема никаква алтернатива за процесите и тоа е важно и правилно за земјата.
360°: Повторно се враќаме на процесот кој е заложник на историски прашања за сметка на иднината на земјата. Ова ве прашувам зашто вие доаѓате од земја која имаше сериозни прашања со своите соседи и успеа да ги реши на еден најевропски можен начин и притоа да се „удрат“ темелите на една ЕУ.
Холштајн: Кај рундите на проширување во минатото, на сите земји членки им беше секогаш важно билатералните прашања и историските прашања, кога се предмет на спор, да се решат билатерално. Таквите прашања во минатото беа држани надвор од процесот и тоа е важен принцип и тој треба да се задржи.

360°: Дали Германија ја оправдува историската уцена, уцената со историски прашања од Бугарија, бидејќи така изјави премиерот Ковачевски – дека безмалку сите членки на ЕУ ја оправдуваат уцената на Бугарија со историски прашања?
Холштајн: Изјавата на премиерот на мојата земја домаќин не би сакала да ја коментирам, Јас сум дипломат.
360°: Во оваа геополитичка ситуација во која се наоѓа Европа – без преседан од Втората светска војна наваму, дали гледате опасности за Западен Балкан поради ситуацијата во Украина, поради можно влијание од трети страни и искористувањето на самиот факт дека евроинтеграцискиот процес е блокиран – конкретно зборуваме за Скопје и за Тирана поради блокадата од Софија?
Холштајн: Во регионот Албанија, Црна Гора и Северна Македонија се НАТО-членки. За Северна Македонија, притоа, се покажува многу јасно дека болната промена на името со Преспанскиот договор вредеше, инаку Северна Македонија сега не би била почитувана, целосно интегрирана НАТО-членка и самиот овој факт ја подобрува безбедносната ситуација на земјата. За другите што не се НАТО-членки од овој регион – тие се Европа, станува збор за нашата заедничка безбедност и за неа се залагаме сите ние. Можеби уште нешто, сите ги интересира тоа, Украина, Молдавија и Грузија поднесоа барања за прием во ЕУ и тоа е сосема разбирливо во нивната ситуација. Но, нема да има скратен пат кон ЕУ за овие земји.Тие мора, како и сите други, да ги следат постапките и правилата и да одат по подолгиот пат, сè додека не се стигне до членството.
Не треба да се заборави дека членството доаѓа само кога постои зрелост, затоа што и силата на пазарите на ЕУ би ѝ штетела на земја што не е подготвена. Барањата за прием на овие три земји, се разбира, се политички гест, тоа сите го знаеме, и некој тип на охрабрување сигурно ќе има во советите во јуни.
360°: Што значи тоа за Западен Балкан?
Холштајн: Вниманието за Западен Балкан ќе остане непроменето. Стравовите дека Украина може да го претекне Западен Балкан се неоправдани. Станува збор за принцип на фер/правичност.