Украинскиот министер Дмитро Кулеба, пак, се заблагодари за поддршката од Северна Македонија и ја изрази својата поддршка во нејзините напори да стане идна членка на Европската Унија

Во рамките на својата денешна посета во Украина, шефот на дипломатијата Бујар Османи се сретна со тамошните министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, со кого разговарале за актуелната војна во оваа земја, но и за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија и Украина, соопштија двајцата министри во заедничка прес-конференција за медиумите.
„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа. Ова посета за мене е од многу големо значење. Таргетирањето цивили е целосно неоправдано и претставува воено злосторство. Поддршката кон Украина не треба да се намали, напротив, треба да се зголеми сè додека целосно не се повлечат руските трупи од територијата на оваа земја. Само на тој начин ќе може да се спречи нечие непосакувано влијание да создаде проблеми и да предизвика дестабилизација во Европа,
истакна Османи.
Како што соопштија и од МНР, на средбата станало збор и за за европската перспектива на двете земји, влијанието на украинската војна врз овој контекст и потребата процесот да го добие своето зголемено внимание, согласно новата геополитичка и безбедносна динамика.
„Ѝ посакуваме многу среќа на Украина во евроинтеграцискиот пат. Ние како земја со кандидатски статус добро знаеме дека патот е долг и тежок, но Украина му припаѓа на европското семејство“,
истакна Османи.





Украинскиот министер Дмитро Кулеба пак, се заблагодари за поддршката од Северна Македонија и ја изрази својата поддршка во нејзините напори таа да стане идна членка на Европската Унија.
„Украина целосно го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ и ние посакуваме нашата пријателска земја што побргу да стане дел од ЕУ. Мојата позиција е дека ЕУ треба да се прошири за земјите од Западен Балкан, кои негуваат слични и значајни вредности со европските“,
истакна Кулеба.
Тој повторно повика на осуда за како што рече „геноцидот кој Русија го врши во Украина“, истакнувајќи дека Северна Македонија добро разбира како е кога некој против вашиот идентитет и култура.