Во однос на сомневањата дека наводно во Агенцијата за лекови се подготвува тендер за лекови за ретки болести од некоја турска фирма, Ковачевски рече дека ќе мора да се почека таа постапка да заврши и кога ќе биде завршена ќе може да се коментира – која фирма добила и врз основа на што
И за пациентите со карциноми, и за оние со ретки болести, и за оние што се со ХИВ има доволно терапија, а државата продолжува да се грижи онака како што тоа било и претходно. Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на прашањето на Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој упати прашање до премиерот дали за овие граѓаните со вакви болести има недостиг на терапија, пренесувајќи ја загриженоста на здруженијата на граѓани кои се занимаваат со овие пациенти.
„Нема терапија за ретки болести и за три типа карцином бидејќи Агенцијата за лекови доцни со тендерите. Состојбата на пациентите со ретки болести или со карцином е уште позагрижувачка бидејќи резервите на лекови од претходниот тендер ќе се потрошат. Според здруженијата на граѓани со ретки болести, над четири типа ретки болести ќе немаат терапија. Исто така, здруженијата за ретки болести велат дека тендерот доцни бидејќи треба да го добие фирма во Турција регистрирана во 2020 година и стравуваат дека на ваков начин може да има паралелен увоз на лекови, при што ќе се носат лекови што не можат да одговорат на овие болести. Кога ќе бидат обезбедени овие лекови и дали ќе се завршат тендерите навреме за овие граѓани да добијат терапија која им е неопходна за живот, а за што државата треба да се грижи“,
рече Стојановски.
Премиерот Ковачевски прво рече дека ВМРО-ДПМНЕ не може да зборува за паралелен увоз бидејќи тие го вовеле, а владата на СДСМ го укинала, по што одговори на прашањето на пратеникот.
„Од Клиниката за онкологија информираат дека има стандардна терапија пропишана од онколог, односно лековите кои се на позитивната листа ги има на Клиниката и пациентите ги примаат навреме. Во однос на ретките болести, кои се малку на број и со специфични лекови, во буџетот на дрвата, на МЗ, обезбедени се средства за набавка на тие лекови. И трето, за пациентите со ХИВ, за кои се обезбедени современи терапии, носител на оваа активност е Инфективната клиника и во наредниот период продолжува непречено обезбедување на терапијата“,
рече Ковачевски.
Во однос на сомневањата дека наводно се подготвува тендер за некоја турска фирма, Ковачевски рече дека ќе мора да се почека таа постапка да заврши и кога ќе биде завршена ќе може да се коментира – која фирма добила и врз основа на што.
„Дотогаш не можеме да прејудицираме за тендер и постапка која не е завршена и каков ќе биде резултатот“,
рече Ковачевски.