Пендаровски заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ вчера од Давос заеднички ја поздравија одлуката на Српската православна црква (СПЦ) за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)
Претседателот Стево Пендаровски телефонски разговараше со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г. г. Порфириј, по повод донесената одлука од Соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Како што се наведува во информацијата од кабинетот за содржината на разговорот, претседателот му се заблагодари на српскиот патријарх за одлуката оценувајќи ја како можност за градење нови релации меѓу Македонската и Српската православна црква и надминување на горчливите теми од минатото.
„Претседателот Пендаровски изрази надеж дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија ќе заврши со скоро потпишување на томосот од Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“,
се вели во соопштението.
Пендаровски заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ вчера од Давос заеднички ја поздравија одлуката на Српската православна црква (СПЦ) за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).