Секое злодело врз дете мора да се казни, но и луѓето на раководни позиции треба да понесат одговорност за кривичното дело на вработените, вели струмичкиот градоначалник
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, го разреши директорот на основното училиште каде што работел наставникот кој е осомничен дека праќал експлицитни сексуални пораки на дете – ученичка.
Злоделото треба да биде казнето, вели тој, но и луѓето на раководни позиции треба да понесат одговорност за делата на вработените.
„Како човек и градоначалник сум згрозен од наставникот во струмичко училиште за кој има сомневање дека недолично се однесувал со малолетна ученичка во истото училиште, а за кое СВР Струмица поднесе кривична пријава поради сомнение за полов напад врз дете. Секое злодело врз дете мора да се казни, но и луѓето на раководни позиции треба да понесат одговорност за кривичното дело на вработените. Без двоумење, а со силна желба за ред, дисциплина и одговорност додека сум јас градоначалник, денеска го потпишав решението за разрешување на директорот во училиштето. Ова нека биде опомена за сите. Најстроги казни за сторителите на кривични дела и разрешување на нивните раководители“,
вели Костадинов.
За наставникот денеска Основното јавно обвинителство Струмица отвори и истрага.
„Осомничениот, наставник во основно училиште во Струмичко, во периодот од октомври 2020 до мај 2022 година, преку социјална мрежа ѝ испраќал пораки со експлицитна сексуална содржина на ученичка која немала наполнето 14 години. Искористувајќи можност кога останале сами во спортската сала на училиштето, тој во два наврата извршил и други полови дејствија допирајќи ја и бакнувајќи ја оштетената“,
рекоа од ОЈО Струмица.
На предлог на обвинителството, наставникот доби 30-дневен притвор од струмичкиот Основен суд.