Се очекува на форумот во Давос да присуствуваат речиси 2 500 лидери од политиката, бизнисот, граѓанското општество и медиумите и да дискутираат за глобалните прашања и најитните предизвици во светот, вклучувајќи ја тековната пандемија, војната во Украина, геоекономските шокови и климатските промени
Претседателот Стево Пендаровски од денеска, 23 мај 2022 година, понеделник, ќе учествува на годишниот состанок на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, Швајцарија, соопштија од неговиот кабинет.
Според агендата, тој утре (24 мај) ќе говори на панел-сесијата насловена „Одржување на безбедноста на Европа“, на која говорници ќе бидат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар Де Кро, и холандската министерка за одбрана Кајса Олонгерен.
„В среда, 25 мај 2022 година, претседателот Пендаровски ќе учествува на сесијата ’Дијалог за дипломатија на Западен Балкан‘. Во рамки на учеството на форумот е предвидено претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби со учесници на форумот“,
соопштија од кабинетот на Пендаровски
Форумот во Давос започна вчера, а ќе трае до 26 мај. Се очекува на него да присуствуваат речиси 2 500 лидери од политиката, бизнисот, граѓанското општество и медиумите и да дискутираат за глобалните прашања и најитните предизвици во светот, вклучувајќи ја тековната пандемија, војната во Украина, геоекономските шокови и климатските промени.