Комисијата ќе дискутира за состојбата со мајмунските сипаници во светот и можноста за евентуално пренесување кај нас, како и колку е подготвен системот при евентуална појава на епидемија
Комисијата за заразни болести ја следи состојбата со мајмунските сипаници во светот, како и препораките на Светската здравствена организација кои во моментот не предвидуваат ограничување на движење на луѓе и стока во рамки на земјите каде што не се регистрирани, изјави за МИА портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
В среда, посочи тој, е закажан состанок на Комисијата, а една од точките на расправа ќе биде состојбата со мајмунските сипаници во светот и можноста за евентуално пренесување кај нас и подготвеноста на системот да се справи со евентуална епидемија или пандемија која би се појавила во светот и кај нас.
„Што ќе се дискутира на состанокот на Комисијата за заразни болести во среда ќе информираме по неговото завршување, за тоа што понатаму планираме да спроведеме како активности во однос на тоа системот да биде што поподготвен за евентуална епидемија која би можела да се случи“,
додаде д-р Мехмедовиќ.
Последните статистики на СЗО од пред два дена се дека мајмунските сипаници се регистрирани во 12 земји. Од регионот засега нема ниту еден потврден случај, меѓутоа, грчките власти вчера објавија дека регистрирале сомнителен случај и станува збор за турист што од Англија дошол во Грција.