Недовербата во правосудството не е непознат феномен, како ни заложбите за промени на подобро. Токму подигнување на довербата е една од целите на циклусот тренинзи низ кои поминува група обвинители, судии, адвокати и вработени во МВР, за стекнатото знаење потоа ефикасно да го пренесуваат на свои колеги. Наша екипа ги посети на една од сесиите. Погледнете го видеото
Ова се таканаречените агенти на промени. Петнаесетина експерти од правосудниот систем – судии, обвинители, адвокати и припадници на МВР, учат како најефикасно да ги обучат колегите ширум земјата за примената на посебните истражни мерки во нивните професии.
„Градиме индивидуални капацитети, но и капацитети на експертска работна група, која понатаму се надеваме дека ќе придонесе во развој на иницијативи, во однос на промена на закони, во однос на градење на свест, односно потенцирање за тоа како и на кој начин треба да се внимава кога се издаваат посебни истражни мерки и да се внимава на почитување на принципите и стандардите за заштита на приватноста“,
вели обучувачката Лилјана Пецова Илиеска.

„Она што веќе го гледам во оваа група е вистинска трансформација во разбирањето на она што е важно да се фокусираме при обуката и олеснувањето. Ние се рефокусираме од податоци, закони и процедури, и потоа се фокусираме на она што се клучните прашања и проблеми поврзани со овие теми. Кои се постојните предизвици во законодавниот систем, но и во општеството воопшто, кои вредности сакаме да ги спроведеме и зајакнеме и зошто. Тоа се прашањата за кои гледам дека групата се справува и дека ги решава“,
вели обучувачката Хедер Хјутанен.

A посебните истражни мерки се законска опција што може да се примени во борбата против тешки форми на криминал и загрозување на јавната и националната безбедност. Вкупно се 12 на број – од следење и снимање на телефонски комуникации, снимање во приватен простор, тајно следење, до симулирано давање и примање поткуп или пост фестум вештачење на електронски комуникации.
Професорот Гордан Калајџиев предупредува дека посебните истражни мерки треба внимателно да се користат, за судските случаи во кои се доказ да не дојдат до Стразбур, поради упад во нечија приватност. Тој и дел од учесницитена обуката, изработија и прирачник за спроведување на мерките за следење на комуникациите.
„Точно е дека имавме проблеми во практиката врзана со користењето на посебните истражни мерки и затоа имавме и големи афери и сериозни опомени од меѓународните фактори и институции, вклучително и групата на експерти на Прибе и ова е една, да речам, од реакциите на тој план.Македонија може да очекува дека дел од овие проблеми, слично како Република Хрватска би можеле да дојдат во Стразбур и целта е, меѓу другото, да го исправиме домашното право и практика пред евентуално да изгубиме некој случај во Стразбур“,
смета Калајџиев.

Како е можно во еден правосуден систем да има различна пракса за една иста работа?
„Законите никогаш не се идеални. Секој закон или содржи празнини или евентуални контрадикторности во одредбите на самиот закон или евентуални контрадикторности со други закони кои се нужно поврзани. Во правото е многу важно толкувањето, може да имате една одредба, но од различни страни да биде различно толкувана доколку самата одредба остава простор за такво нешто“,
вели Билјана Каровска-Андоновска – универзитетска професорка.

Според Законот за кривичната постапка, употребата на мерките е оправдана за справување со најтешките кривични дела и тоа само кога се исцрпени сите други можности за расчистување на одреден случај.Пред да ги применат, Обвинителството и полицијата мора да добијат судско одобрение.
„Аргументацијата којашто ние како јавни обвинители треба да ја понудиме пред судијата на претходна постапка, да го убедиме е дека навистина ова е единствен начин да се дојде до одредени докази, а сепак со нарушувањето на приватноста и на човековите права да се стигне до една друга вредност којашто е потребна да биде пронајдена и презентирана низ еден процес“,
вели обвинителката Спасенка Андонова.

Обвинителите велат дека во одредени случаи, ПИ–мерките се навистина неопходни.
„Таков случај беше и пример со поткуп, давање поткуп, за којшто ние како основно јавно обвинителство бевме надлежни и верувајте ми, навистина не можеше на друг начин за ова кривично дело да се обезбеди доказен материјал, освен со примена на ПИМ, која што вроди со плод за два дена, токму за Нова година. За два дена беа обезбедени доказите, за два дена добивме и признание на вина и беше завршен предметот“,
раскажа обвинителката Наташа Сарамандова.

Серијалот работилници ширум државата покажал различна пракса. Користењето посебни истражни мерки главно е концентрирано во Скопје, каде судиите, пак, речиси и да не одбиле барање.
„Воопшто не е лесно да се издаде ПИМ, одговорноста е навистина многу голема на судијата, затоа што МВР и јавниот обвинител прават сеопфатна анализа, сѐ до оној момент додека не го поднесат барањето до Судот. Веќе кога е поднесено барањето кај Судот, топката е префрлена кај нас. Ќе кажете да, нема барање кое што е одбиено, меѓутоа, барањата не се одбиени затоа што законската регулатива не е спроведена на оној начин како што треба да биде, за судијата да може да постапи и да ја одбие посебната истражната мерка. Одбиваме само кога е формална причина. Тоа ќе треба во иднина да се реши, за да ја обезбедиме комплетната доверба на граѓаните кон нас – зошто и од кои причини Судот издава посебна истражна мерка или истата ќе има причина да ја одбие“,
кажа Сандра Крстиќ, судија на претходна постапка.

Но, од друга страна, примената на мерките е упад во приватноста на поединци, па затоа адвокатите бараат нивно минимизирање во кривичните постапки.
„Се соочуваме со многу повреди на самите постапки. Ние како бранители во постапките, одредени права каде што ги застапуваме лицата каде се применети тие истражни мерки, немаме можност на увид на документација. Многу од нас бранителите немаме безбедносни сертификати за да можеме првично да се запознаеме со материјалите кои ќе се користат во текот на постапката, а со тоа се оневозможува правото на одбрана и ефикасно и брзо завршување на самите постапки“,
тврди адвокатот Александар Тумановски.

Може ли употребата на посебните истражни мерки да се сведе на најмал можен број?
„Минимизирањето е процес што значи – сето она што не е битно од доказен аспект, а задира во приватната сфера, да биде елеминирано, а да се стави фокус само на она што е битно и што има доказна вредност за кривичната постапка. Се обидовме преку овие обуки да ставиме акцент на минимизацијата и тоа од најраната фаза се до фазата кога тие докази се изведуваат на главна расправа, односно во текот на кривичната постапка којашто ја води судот“,
вели судијата Ненад Савески.

„Идејaта наша е да кажеме дека посебната истражна мерка е тајна, но воопшто не е тајна самата постапка, не е таен начинот на којшто судиите одлучуваат и ги издаваат мерките. Целава оваа група има за цел да ја врати довербата на граѓаните во судството, особено во делот на посебните истражни мерки и прислушкувањата“,
образложи судијката Даниела Димовска.

А, прислушувањето им стана блиско и на граѓаните, но не како легална алатка. Всушност, во јавноста стана популарна злоупотребата на оваа ПИ-мерка. Од масовното прислушување во УБК што резултираше со осудителни пресуди во предметот „Таргет – тврдина“, до различни таканаречени „бомби“ кои „протекуваат“ на интернет–каналите, без да се знае изворот. Ваквите појави дополнително ја подриваат довербата во системот, за кој се уште постои сомнеж дека секој секого може да слуша. Во такви околности, анкетите покажуваат дека довербата на граѓаните во правосудните органи е на исклучително ниска.
„Секогаш има две страни, јас како обвинител имам две страни – имаме пријавител, имаме оштетени – едниот е незадоволен. Перцепцијата секогаш произлегува од незадоволната страна. Позадоволната страна, некако, ја чува поповлечена таа своја перцепција од причина што го добива она што го сака. Верувам дека преку отворање, непосредна соработка, веб-страни, интервјуа, би се подигнала довербата и граѓаните би имале, се надевам, подобра перцепција и доверба во правосудството“,
вели јавниот обвинител Ермон Незири.

Оваа група веќе помина 4 од 5 планирани работилници за трансфер на знаења. Стекнатите вештини треба да им помогнат во улогата на обучувачи за полесно да ги расчистат дилемите со останатите колеги ширум земјава, за прашања како употребата на посебните истражни мерките. Иницијативата се спроведува со поддршка на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, ДЦАФ, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители. Целта е, меѓу другото, да се подигне довербата во секторот, урнисувана со децении.