По прашањата на адвокатот на Бојан Јовановски-Боки 13, Сашко Дукоски, обвинителката Вилма Русковска имаше само едно прашање за српскиот композитор Александар Фура Радуловиќ.
„Точно ли е дека немате никаков материјален доказ дека дека Вие и сопругата сте му давале пари на Бојан за телевизијата?“,
праша Русковска.
Прашањето таа го повтори неколкупати откако сведокот рече дека не разбира што значи за обвинителката материјален доказ, посочувајќи дека давале пари на пријателска база и дека имале дадено писмена изјава за да послужи во судскиот процес.

Русковска го постави прашањето затоа што претходно сведокот раскажуваше дека со сопругата Марина Туцаковиќ собирале пари и му давале на Боки во пресрет на отворањето на телевизијата.
„Пред извесно време ни кажа дека отвора телевизија во Скопје, тоа за мене и за мојата сопруга беше интересно за ширење за нашиот музички опус. Бевме согласни ние да бидеме кофинансиери на отворање на еден таков проект, односно телевизија и некои други работи поврзани со тоа. Така, во текот на две години, ние одвојувавме финансиски средства и му ги дававме на Бојан за да почне со набавка на опрема итн. Му давав и приватно секогаш кога му било потребно во текот на сите тие години на заедничка дружба и пријателство“,
раскажуваше Радуловиќ одговарајќи претходно на прашањата на адвокатот Дукоски, но конретна сума даде за телевизијата не беше спомената.
Изгубени во преводот
Сведочењето на Радуловиќ беше на српски јазик, па беше ангажирана преведувачка чиј превод предизвикуваше смеа во судницата бидејќи кога сведокот одговараше на српски таа често го повторуваше одговорот на српски наместо да го каже на македонски, и обратно, во случаите кога беа поставувани прашањата на македонски јазик.
Преведувачката, пак, се жалеше дека не може да запамти сè и дека се зборува многу брзо, но од нејзиниот превод не беа задоволни ниту судот ниту странките во постапката.
Таа замина од судница пред да се постават последните неколку прашања бидејќи имала закажано лекарски преглед, па на нејзино место дојде нова преведувачка.
„Се изгубивме малку во преводот“, прокоментира судијката Васка Николовска-Масевска кога се заменуваа преведувачките.