Новиот вирус е регистриран кај 43-годишен маж од Суботица, кој се вратил од Унгарија
Во Србија е потврден прв случај на коронавирусот. Присуството на новиот вирус е докажано кај 43-годишен маж од Суботица, јавуваат српските медиуми. Пациентот е во изолација, откако неодамна се вратил од Унгарија, каде што бил во посета на неговата сестра.
Српскиот министер за здравство Златибор Лончар одржа вонредна прес-конференција, на која, како што јавуваат медиумите, посочил дека било прашање на ден кога новиот вирус ќе биде регистриран и во Србија.
„Пациентот се чувствува добро и нема тегоби. Во повеќе наврати престојувал во Будимпешта, каде што живее неговата сестра. Таа имала респираторни потешкотии“,
изјави Лончар.
Според министерот, пациентот бил одговорен, се изолирал самиот, ги испратил децата кај бабата и дедото на село и останал со сопругата која му носела само храна. Сега се земени анализи од сите што биле во контакт со неговото семејство, а резултатите ќе бидат познати во текот на денот. Неговата сопруга и децата се чувствувале добро, пренесува „Блиц“.
„Нереално е да се очекува дека постои држава во која нема коронавирус. Прашање е само дали е регистриран. Тоа е глобален проблем. Ќе продолжиме со сите мерки и ги замолуваме граѓаните да се придржуваат. Нема простор за паника“,
нагласува Лончар.