На интернет-страницата на Српската православна црква, под цитатот од Псалм 133, стои „Како е убаво и прекрасно кога сите браќа живеат заедно“, објавувајќи ја информацијата за литургијата за помирување на која овој четврток во Белград ќе служат патријархот на Српската православна црква г.г. Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан
Српската православна црква (СПЦ) на својата официјална интернет-страница најави дека в четврток на 19 мај во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, патријархот на СПЦ г.г. Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе служат архијерејска литургија за воспоставување „литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви“, јави дописникот на МИА од Белград.
На интернет-страницата на Српската православна црква, под цитатот од Псалм 133, стои „Како е убаво и прекрасно кога сите браќа живеат заедно“, објавувајќи ја информацијата за литургијата за помирување.
„Со благодарност кон Господа и со радост ја известуваме сета полнота на Светата Црква дека Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски г. Стефан, заедно со сослужување на сите архиереи на СПЦ и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во четврток, на 19 мај 2022 година, ќе служат света архијерејска Литургија во соборниот храм ‘Свети Сава’ во Белград, со која ќе се воспостави литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви, во рамки на одлуката на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква“,
пишува во објавата на интернет-страницата на СПЦ.
Претходно денеска за ова објави српската новинска агенција Танјуг, од каде што соопштија дека српскиот патријарх Порфириј и македонскиот архиепископ Стефан в четврток (19 мај) ќе одржат заедничка литургија во храмот „Свети Сава“ во Белград, а ќе сослужуваат архијерејите од двете цркви.
Ова следува откако Соборот на Српската православна црква (СПЦ) вчера соопшти дека за Македонската православна црква го прифаќа статусот на најширока можна автономија односно целосна внатрешна независност, кој ѝ бил доделен уште во 1959 година.
СПЦ го изнесе ставот откако на 9 мај Вселенската патријаршија за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.
Тогаш во соопштението Вселенската патријаршија наведе и дека се остава на најсветата црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.