Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ја сумираше дискусијата по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел – има разбирање дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да почнат итно, а ако тоа не се случи до јуни, ќе влеземе во голема криза во односите со Западен Балкан. Жозеп Борел, на прес-конференцијата во Брисел, по денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, користеше досега неслушната реторика, обидувајќи се да се ја покаже сопственоста, но и посветеноста на шефовите на дипломатиите на 26 држави членки за итен почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Ако тоа не се случи до јуни, ќе влеземе во длабока криза во односите со земјите од Западен Балкан, порача тој. Бугарија, претставувана од министерката Теодора Генчовска, останала на ставот дека прво сака да види конкретни чекори и гаранции од македонска страна за главните барања на Софија
Дали ѕвончето на Жозеп Борел со кое се означи почеток на денешниот министерски состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ е аларм за будење на процесот на проширување кон Западен Балкан. По часови дебата шефот на европската дипломатија ги кажа резултатите од разговорите на кои за првпат присуствуваа и шесте министри за надворешни работи од регионот.
„Имаше јасно разбирање дека итно треба да се почнат пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија – тоа сакам да го потенцирам. Сакам јасно да ја пренесам мојата лична заложба како висок претставник за надворешна и безбедносна политика дека мора да почнеме преговори со Северна Македонија и Албанија. Се надевам, дури и повеќе од надеж, повеќе од желба дека тоа ќе се случи во текот на француското претседателство кое веќе привршува“,
изјави Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ по завршувањето на состанокот на Советот за надворешни работи.

Борел образложи зошто статус кво ситуацијата со Скопје и Тирана не може да продолжи.
„Сите гледаме дека ова одложување е неодржливо. Не може да им велиме на Северна Македонија и Албанија, земји кои ги исполнија сите услови, се уште, заедно, да седат на страна, а да не им дадеме јасна перспектива. Оваа ситуација не само што ним им штети, туку и штети нам. Тоа не чини многу во смисла на кредибилитет и политичка перспектива. Тоа е подарок за Русија и можноста ова прашање и понатаму да се оддолговлекува“,
порача Борел.
Високиот претставник на Унијата отиде и чекор понатаму.
„Постои силна волја, силна политичка посветеност од Советот да се притисне за да се избегне криза што може да дојде ако до крајот на француското претседателство ова не се реши. Ставам временски рок – ако тоа не се случи за време на француското претседателство, морам да признаам дека ќе бидеме во голема криза во нашите односи со земјите од Западен Балкан. Така што, ќе го правиме најдоброто, ќе продолжиме со целиот притисок за да се постигне договор“,
изјави Жозеп Борел.
Од 27 земји членки, 26 биле за отворање на преговорите со Скопје и Тирана. Само една земја, Бугарија ги повторила своите позиции.

„Има притисок, секогаш сум велела дека има притисок и сега продолжува. Но, нашата позиција е јасна – очекуваме Северна Македонија да почне да го исполнува Договорот и да гарантира вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот на нивната држава“,
изјави Теодора Генчовска, шефицата на бугарската дипломатија.
Г-ѓо министер, во петокот извори во Брисел соопштија дека Жозеп Борел би сакал меѓувладините конференции да започнат пред Европскиот совет на крајот на јуни. Има ли изгледи, според Вас, тоа да се случи, беше прашањето до Генчовска.
„Целиот процес, од самиот почеток, е заснован на сопствени заслуги на Северна Македонија и на никаков начин не се врзува за датуми. Од страна на Северна Македонија треба да бидат направени јасни, конкретни чекори што ќе гарантираат дека Договорот ќе почне да се исполнува и ќе продолжи да се исполнува, како и Бугарите да бидат вклучени во Уставот“,
одговори бугарската министерка.
А, преговарате ли со Северна Македонија, имавте ли, на пример, разговори со вашиот колега, ја прашаа бугарските новинари.
„Ние со г-дин Османи, општо земено, неприкинато сме во директна врска. Нему му го кажувам она што ви го кажувам и вам – очекуваме конкретни дејства. Тој она што ми го кажа е дека обмислуваат некакви конкретни предлози. Претпоставувам дека веќе ќе бидат формализирани и кон Министерството за надворешни работи“,
рече Генчовска.
Ви се чини ли реалистично дека до јуни може да има пробив, беше прашана Генчовска.
„Ние сме спремни, чекаме Северна Македонија да го почне процесот на промена на Уставот и на исполнување на Договорот“,
беше нејзиниот одговор.
Дека Софија останала сама наспроти сите потврди и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој заедно со министрите од регионот имаше работен ручек со европските министри.
„Недвосмилсено, поддршката на 26 земји членки посебно за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија која покажа пример во однос на руската агресија и приме во исполнување на критериумите за членство. Останува прашање дали ЕУ ќе смогне сили да постигне консензус да покаже стратешко лидерство за да го зачува кредибилитетот на проширувањето“,
изјави Османи.

Мноштво европски министри пред почетокот на денешниот состанок пратија порака дека стратешка цел на Унијата е отоврање на преговори со Македонија и Албанија. Меѓу најдитректните беше шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.
„Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија да се отворат на почетокот на летото, и денес ќе зборуваме заедно за ова, за тоа да се подготви. Тоа е токму во овие времиња не само задоцнето, бидејќи ова ветување е долго време во просторот, туку затоа што тоа е централно безбедносно и геополитичко прашање“,
порача Аналена Бербок, министерка за задворешни работи на Германија.

Меѓу најгласни на оваа тема остануваа балтичките држави.
„Одлуките кои Европа ги носеше во изминатите два и пол месеца и ќе ги носи денеска и во блиска иднина ќе ја дефинираат Европа во наредните декади. Ќе бидеме запомнети по одлуките кои ги носиме и затоа е императив да носиме вистински одлуки. Прво, кога зборуваме за проширувањето мора да се осигураме дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба веднаш да почнат. За жал, ниту една земја не треба да биде во можност да стави вето на таква стратешка одлука и со тоа да ја стопира целата ЕУ и нејзината политика“,
изјави Габриелиус Ландсбергис, министерот за надворешни работи на Литванија.

„Предолго се чекаше во однос на почетокот на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија“, изјави естонската министерка,
Ева Мариа Лиметс.
„Финска е голем поддржувач на европската перспектива за земјите од Западен Балкан. Финска смета дека би било многу добро да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија без понатамошно одложување“,
рече Јоана Сумувуори, државна секретарка во министерството за надворешни работи на Финска.
И ставот на Хрватска и Словачка останува ист.
„Сакам јасно да кажам дека најдобриот сигнал што може и треба да го пратиме на Западен Балкан е да почнат преговори со Албанија и Северна Македонија. Оваа одлука требаше одамна да се донесе и јас не гледам каква било причина за натамошно одложување. Ова Западен Балкан од нас го очекува зашто ние тоа го ветивме“,
рече шефот на словачката дипломатија, Иван Корчок.
„Треба да пратиме силна, јасна, порака или сигнал за нашата поддршка на ЕУ пристапувањето на нашите западнобалкански партнери. Прво, она што е неопходно е почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија“,
рече хрватскиот министер, Гордан Грлиќ Радман.
На тема почеток на преговори со Северна македонија денеска, освен во Брисел, се зборуваше и во Берлин и во Софија. Бугарскиот претседател, Радев, во Берлин се сретна со германскиот претседател Штајнмаер и канцеларот Шолц. Радев барал бугарската позиција во однос на Македонија да стане заложник на украинската војна.
„Не треба да дозволиме легитимација на македонизмот, на идеологија на бивша Југославија и Коминтерната да најдат место во ЕУ зашто тоа ќе има долгорочни и непријатни последици за Унијата. Затоа, Бугарија како договорна членка на ЕУ, треба да работи на интерирање на партнери, а не на проблеми во ЕУ“,
изјави Радев по средбите во Берлин.

Во посета на Софија, пак, денеска беше холандскиот премиер Марк Руте. Бугарскиот премиер, Петков, по состанокот со Руте излезе со многу поумерена порака отколку Радев.

„Бугарската влада јасно кажа дека иднината на Северна Македонија треба да биде во европското семејство и за тоа прашање нема дилема. Исто така, сме кажале дека сега станува збор за конкретни конструктивни чекори за заедно да го поминеме тој пат. Тоа не е во функција на некакви календари или очекувања, туку е во функција на заедничката работа која заедно треба да ја завршиме. Кога ќе ја завршиме јас, нашата влада, ќе ја внесе оваа тема во парламентот и се надевам дека ќе можеме во блиска иднина да имаме напредок за оваа тема и европската иднина на Северна Македонија да стане факт“,
рече бугарскиот премиер Петков.
Следниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, форум на кој се носат одлуки поврзани со проширувањето, е закажан за 23 мај. До крајот на француското претседателство, рок за кој денеска зборуваше и Борел, има уште една сесија – на 21 јуни.