Првите ковид-случаи во Северна Кореја предизвикаа загриженост во земјата-една од ретките што нема пријавено ниту еден случај на инфекција со коронавирус од почетокот на пандемијата. На состанокот на севернокорејската влада, со кој претседавал лидерот Ким Џонг Ун, биле препорачани најитни контролни мерки за справување со кризата, меѓу кои и целосно заклучување на земјата
Северна Кореја воведе заклучување низ целата земја откако ги потврди првите случаи на ковид -19 од почетокот на пандемијата, која започна пред повеќе од две години.
Инфекциите предизвикани од подваријантата БА.2 на високо преносливиот вид омикрон се откриени во главниот град Пјонгјанг на 8 мај, објавија денеска државните медиуми.
Како што пренесе Корејската централна новинска агенција (КЦНА), властите не го прецизирале бројот на ковид-случаи, но ја опишале епидемијата како тешка ситуација, а на состанокот на владата, со кој претседавал севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, биле препорачани најитни контролни мерки за справување со кризата, со цел спречување на епидемијата.
Ковид-епидемијата предизвика загриженост за земјата – една од ретките што нема пријавено ниту еден случај на инфекција со коронавирус од почетокот на пандемијата.
Превентивната стратегија на Северна Кореја од почетокот на пандемијата со ковид се потпира на целосно затворање на границите кое започна од јануари 2020 година.
Светската здравствена организација (СЗО) нема податоци за вакцинираност на населението против ковид-19 во земјата со 25 милиони жители, откако Пјонгјанг постојано одбиваше снабдување со вакцини од меѓународната заедница.