Минатата недела во посета на Скопје беше министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис. На средбите со македонскиот владин врв, шефот на литванската дипломатија ја пренесе поддршката на неговата земја за евроинтеграциите на Северна Македонија, блокирани поради бугарското вето. Ландсбергис, во интервју за 360 степени, го објаснува својот оптимизам зошто верува дека компромис е можен до јуни и зошто отворените прашања треба да се надминуваат низ дијалог, а не со вета. Тој го пренесе искуството на неговата земја Литванија со соседот Полска – имале разлики за сериозни прашања, но тие никогаш не биле повод за блокади. Ландсбергис, кој пред само четири дена ја посети Украина зборува и за тоа како е да се живее непосредно до воената зона, кои се очекувањата на балтичките држави од НАТО и како да се запре рапидното опаѓање на кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан.
360°: Господине министер, какво е чувството да се биде во непосредно соседство на војна од голем обем, нешто што беше незамисливо за Европа во 21 век?
Габриелиус Ландсбергис: „Можам да ви кажам дека станува збор за судир на измешани чувства. Прво, се чини дека се подготвувавме за тоа – ние бевме една од земјите што постојано велеа дека Русија е агресивна држава, уште од 2008 година и нападот врз Грузија, па потоа 2014 година и првиот напад врз Украина… Оттука, би можел да ви кажам дека веројатно не би требало да бидеме изненадени од она што го гледаме. Но, од друга страна, живеејќи толку блиску до воените дејства, дел од руската опрема во Белорусија е на само неколку километри од литванската граница, тоа дефинитивно ја менува перцепцијата каде сме и колку потенцијално е опасна ситуацијата и опкружувањето во кое живееме. Затоа, тоа е една од причините зошто им пристапивме на нашите НАТО-сојузници и побаравме засилување за балтичкиот регион, особено за Литванија, зашто не само што ја имаме Белорусија на една страна, туку и Калиниград на другата.“

360°: Има ли обиди и во кој степен на руско политичко присуство во Литванија?
Габриелиус Ландсбергис: „Да бидам искрен, можам да ви кажам дека видовме обиди, навистина активни обиди, за влијание во литванската политика пред неколку декади. Би рекол дека првите обиди се случија непосредно пред да се зачлениме во ЕУ – имаше политичари, партии што активно се обидуваа да влијаат врз нашиот курс. Но, доста рано се откри фактот, признанието, дека Русија може врз нас да врши влијанија и тоа им помогна на главните политички актери и партии да дојдат до консензус за нашите стратешки цели – НАТО, ЕУ и сите останати главни цели што веќе ги постигнавме. Тоа беше направено преку кохезија на политичките партии.“
360°: Инсистирате на тоа дека истуреното присуство на НАТО во европското источно крило не е доволно, истовремено барате примена на стратегијата „да не се отстапува ниту инч од територијата“ и таа да биде новата позиција на НАТО. Во овој контекст, што очекувате од претстојниот Самит на НАТО во Мадрид?
Габриелиус Ландсбергис: „Тоа е одлично прашање. Стратегијата „да не се отстапува ниту инч“ ја предложи американскиот претседател за време на посетата на Варшава со негово обврзување дека секој инч ќе се брани. Сметаме дека тоа е одлична политичка изјава која би сакале да ја видиме како официјална НАТО-позиција во однос на источното крило. Како тоа практично да го изведеме? Мислам дека, пред се, ни треба стратешка одлука дека балтичките земји ќе бидат одбранети, не само самите да се бранат, туку да бидат бранети и од сојузниците од првиот момент на потенцијалниот напад. Од практична гледна точка, потребни се повеќе трупи со постојано присуство. Би аргументирал дека токму балтичките земји, особено Литванија, е местото каде тие трупи би требало да бидат стационирани поради нашата суштинска географска ранливост – територија притисната меѓу Калининград и Белорусија. Исто така, зборуваме и за дополнителна опрема, како противвоздушна одбрана, морска одбрана, тоа се главните нешта што би биле искористени во случај на напад.“

360°: За време на вашиот престој овде во Скопје дадовте оптимистичка изјава дека е можен напредок во блокираните евроинтеграции во наредните два месеца. Но, се помалку Македонци веруваат во тоа, зашто, како последица на загубената доверба, ЕУ губи рапидно од својот кредибилитет овде во Северна Македонија. Има ли дискусии во Брисел за ваквите тенденции?
Габриелиус Ландсбергис: „Апсолутно. Најверојатно тоа е една од причините зошто сум овде – губењето на европскиот кредибилитет не ги погодува само граѓаните во Северна Македонија, туку и луѓето во Литванија, како и оние што сега се борат во војната во Украина. Тоа значи дека станува збор за општа агенда и ние мора да се осигураме дека не губиме кредибилитет во оние земји на кои, како ЕУ, сме им дале ветувања. Да, отимист сум зашто има голем момент за тоа. Барањето на Украина за кандидатски статус не го попречува македонскиот напредок, туку му дава дополнителен поттик. Оттука е и мојот оптимизам, но очигледно е дека треба напорно да работиме за да се изгради консезус меѓу 27 земји членки дека ова е решавачка точка за ЕУ. Тука не станува збор само за Северна Македонија, туку повеќе за ЕУ и за нашата позиција. Како што кажавте, во тек се разговори, а набрзо ќе има уште една дискусија – за неколку недели ќе се одржи редовен состанок на министрите за надворешни работи во Брисел и една од главните теми ќе биде статусот на земјите од Западен Балкан. Министерот за надворешни работи на Северна Македонија ќе присуствува и убеден сум дека целиот случај ќе биде изложен и се надевам дека некакво поместување, напредок може да биде постигнат. Но, дајте ни време, па ќе видиме.“
360°: Пречката во евроинтеграциите не е исполнување на критериум од независност на судството, борбата против криминалот и корупцијата, туку за тоа дека некој сака да го употребува македонскиот јазик и притоа тој да биде именуван како македонски јазик. Дали е европски ова прашање да се нарекува билатерално и каде го гледате решението за еден ваков проблем?
Габриелиус Ландсбергис: „Да бидам искрен, оние земји кои се наоѓаат во, еве така да ја наречам, геополитичка раседна линија, вообичаено имаат тешка историја и тоа тешка историја и со нивните соседи. Ова е случајот и со Северна Македонија и со Литванија. Имавме многу долга и различна историја со нашиот сосед Полска. Како што можете да насетите, имавме, а да бидам искрен, се уште имаме прашања кои се решаваат дури и во овој момент. Пред неколку месеци изгласавме закон кој се однесува на полското малцинство во Литванија, прашање за кое разговаравме со Полска речиси 30 години. Поентата е дека тоа во ниту еден момент не го блокираше нашиот пат ниту кон ЕУ, ниту кон НАТО. Тоа е зашто Варшава и Вилнус секогаш разбираа дека стратешките прашања се важни за двете престолнини и двете земји. Не можеме да дозволиме прашања како малцинства, јазик или културолошки прашања од минатото да не заглават.“
360°: Но, тука го имаме спротивното искуство – блокирање за вакви чувствителни прашања.
Габриелиус Ландсбергис: „Да, така е. Затоа би сакал да видам повеќе од оваа динамика која ги водеше односите меѓу Полска и Литванија да се случува овде. Сметам дека тоа е многу добар пример. Се шегував дека за некои прашања ни требаше 30 години да ги надминеме, за други можеби ќе ни требаат дополнителни 20 години, тешко е да се прогнозира – влади се менуваат и во Вилнус и во Полска, но ќе бидат решени. За 200 години се ќе решиме. Истото треба да се примени и во случајот со Бугарија и Северна Македонија. Мислам дека е можно да се реши, но тоа прашање не може да го блокира стратешкото постигнување – членство во ЕУ.“
360°: Значи, велите дека стратешките интереси на ЕУ не можат да бидат засенети од националните интереси на некои земји членки?
Габриелиус Ландсбергис: „Да, навистина, тоа е моето мислење. Увидувам дека има се повеќе гласови во ЕУ кои се погласно зборуваат за ова прашање зашто, како што веќе претходно кажав, не се работи само за Северна Македонија, туку за ЕУ и дали се уште може да кажеме дека имаме политика на отворена врата кога не можеме да го исполниме ветувањето дека тоа и ќе го спроведеме. Тогаш, од какво фајде се дадените ветувања кон другите држави на Западен Балкан или во земјите од Источното партнерство кои неодамна аплицираа за кандидатски статус.“
360°: Ако кажеме дека има недостаток од европска перспектива за Западен Балкан, а тоа остава многу отворен простор кој може да го искористат трети страни, како Кина или Русија, што може да се направи?
Габриелиус Ландсбергис: „Секако. Како и во се, природата го мрази вакуумот. Тоа важи и во геополитиката – значи дека ако Европа геополитички, политички, економски не е активна, тогаш некој друг ќе биде. Сведочиме на, би ги нарекол, дури агресивни потези на Кина, во разни региони, вклучувајќи го и Западен Балкан. Одредени ветувања не додаваат само економска вредност, туку и политичка тежина која земјите треба да ја носат во наредните години. Мислам дека ова не треба да се изгуби од вид. Кога актуелната Европска комисија почна да работи, Урсула фон дер Лајен вети геополитичка унија, геополитичка комисија. Ние од Литванија постојано прашувавме кога, конечно, ќе видиме геополитичка ЕК, геополитичка ЕУ. Мислам дека времето е сега – случувањата во Украина, руската војна, однесувањето на Кина, многу нешта глобално даваат можност, но и причина за геополитика унија. Каде може да видиме ваква унија, мислам дека Западен Балкан е одлично место за навистина да покажеме дека сме сериозни за нашите обврски.“