Масовна тепачка изби денеска во турскиот парламент за време на тензичната дебата за турското воено учество во северозападна Сирија, објави „Еуроњуз“.
Снимките покажуваат како десетици пратеници од владејачката партија на Реџеп Таип Ердоган и од опозицијата се буткаат и разменуваат удари.
На снимката може да се забележи и дека во гужвата дел од пратениците се обидуваат да ги раздвојат и смират своите колеги.
Тепачките се честа појава во турскиот парламент
Денешната тепачка почна кога опозицискиот пратеник од Републиканската народна партија, Енгин Озкоч, застана на говорницата. Кратко пред тоа, на прес-конференција, тој го нарече Ердоган „нечесен, неблагороден, со ниски намери и предавник“.
Озкоч го обвини претседателот и дека ги праќа децата на турскиот народ да се борат, додека неговите деца наводно го избегнале долготрајното служење на воениот рок.
Зборовите на Озкоч беа „реплика“ на претходен говор на Ердоган пред членството на неговата партија, кога тој ја обвини опозицијата дека е „нечесна, неблагородна, со ниски и предавнички намери“. Ставот на Ердоган се должеше на тоа што опозицијата ја става под знак прашање турската воена интервенција во северозападна Сирија, во провинцијата Идлиб.
Тензијата во Турција е особено висока откако за еден месец во Идлиб загинаа повеќе од 50 турски војници, вклучувајќи 33 војници кои загинаа во последниот напад, минатиот четврток.
Турција испрати илјадници војници во Сирија за да ги спречи сириските владини сили да ја вратат контролата на провинцијата Идлиб и да им дадат логистика на опозициските сили во областа кои се практично опколени.