Претседателот на државата смета дека Петков се обидел да ги убеди националистите внатре во владата дека сега треба да се даде „зелено светло“ за почеток на преговорите и дека во тек на преговорите можат да се решаваат сите прашања во нивен национален интерес и дека при отворање или затворање на секое поглавје тие можат да стават вето
Пендаровски не гледа доволна фокусираност на ЕУ во однос на овој проблем, истакнувајќи дека сега можеби на тоа има влијание војната во Украина, но дека и пред тоа имало таква ситуација
На прашањето дали има предлог кој е прифатлив за нас, Пендаровски вели дека тоа е оној од пред 3- 4 месеци познат како „4+1“, на кој од Софија нема писмен одговор
Процентот за да се крене бугарското вето до јуни е помалку од половина, но не поради нас туку поради другата страна, од Бугарија. Бугарскиот премиер, Кирил Петков, направи многу позитивни чекори, но тој не успеа да обезбеди единство во неговата влада, смета претседателот Стево Пендаровски.

Како позитивни чекори на Петков, Пендаровски ја истакна неговата стратегија да ги раздвои разговорите во пет области – култура, образование, економија, медиуми и друго, а не само историја, како што било претходно. Но, рече Пендаровски, тоа што ги намалува шансите за добивање датум е што тој по, како што рече, фронталните напади од коалициските партнери во владата и од надвор, требаше да ја засили својата политика референца и да покаже дека не ги продава бугарските национални интереси.
Пендаровски тука се осврна и на посетата на бугарската делегација во Битола на промоцијата на клубот на Здружението „Иван Михајлов“, во која беше и Петков.
„Јас не верувам дека немал удел во формирањето на делегацијата. И тука лошо е што во неа имаше некои од поранешните владини претставници чии негаторски ставови се познати“,
рече Пендаровски во интервју за Канал 5, коментирајќи ја актуелната состојба во македонско-бугарските односи.
Тој смета дека Петков се обидел да ги убеди националистите внатре во владата дека сега треба да се даде „зелено светло“ за почеток на преговорите и дека во тек на преговорите можат да се решаваат сите прашања во нивен национален интерес и дека при отворање или затворање на секое поглавје тие можат да стават вето.
Бугарите во Устав
Претседателот Пендаровски смета дека вметнувањето на Бугарите во Уставот не е спорно, но спорно е барањето тоа да биде пред почеток на преговорите.
„Да се стават Бугарите во Устав пред почеток на преговорите сметам дека е уцена. Пред да почнеме да преговараме, ти мене ме уценуваш ако ми велиш дај ми гаранција дека ти ќе го промениш Уставот до тој и тој датум. На ист начин ти ќе кажеш, ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање. Тоа се двојни гаранции. Ние мора да имаме гаранција од Бугарија, или подобро од Брисел дека ова ќе биде последно барање на Бугарија, не во однос на владеење на правото или борбата против корупцијата, туку во однос на она што е надвор од копенхашките критериуми. За такво нешто немаме сигнали од Софија“,
објаснува Пендаровски.

Тој посочува дека со тоа ние ќе го заштитиме и Уставот од постојано отворање, истакнувајќи дека се работи за темел и сувереност на државата.
Исто така, Пендаровски не гледа доволна фокусираност на ЕУ во однос на овој проблем, истакнувајќи дека сега можеби на тоа има влијание војната во Украина, но дека и пред тоа имало таква ситуација.
„Некои клучни европски држави и пред војната не беа премногу или доволно активни. Сепак, треба да се нагласи дека ЕУ е геостратешки проект. Тој е започнат како мировен проект и неминовно има безбедносна компонента“,
вели тој.
Има ли предлог прифатлив за нас?
На прашањето дали има предлог кој е прифатлив за нас, Пендаровски вели дека тоа е оној од пред 3- 4 месеци познат како „4+1“, на кој од Софија нема писмен одговор.
„Ние понудивме наши формулации и на писмен начин не ни беше одговорено. Мојата претпоставка е дека Петков не може да направи мнозинство во својата влада за овој проблем – најмалку две од четирите партии имаат директни забелешки на тие наши предлози и до овој момент не се подготвени. И тоа е главната битка на Петков. Ако има политичка волја, едно попладне е доволно до јуни. Се што е внатре е европски стандард“,
вели Пендаровски.

Пендаровски смета дека доколку не добиеме датум за почеток на преговорите во јуни, натаму ќе биде многу потешко да се убедуваат граѓаните, но тоа не значи да се откажеме.
„Мој став е ако не направиме ништо до јуни, да кажеме остануваме во преговорите, но дел од нашите политички капацитети да ги насочиме кон внатрешните прашања. Да не бидеме опседнати, како што бевме и сме. После толку години и мотивираност, јас не гледам некој што може да го убедам, дека ќе биде за шест месеци, година…“,
додава Пендаровски.