Директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска, истакна дека од професорите кои во предметните комисии ги изготвиле прашањата добиле уверување дека на државната матура нема да има прашања од материјалот што требаше да биде предаден во периодот на штрајкот во средните училишта
Наумовска додаде и дека учениците што не ја положиле проектната задача за која законскиот рок беше до 21 април ќе имаат дополнителен период да ја положат до 19 мај, кога, според календарот за наставни денови, завршува учебната година за матурантите. Освен за проектната задача, додаде Наумовска, сите други рокови остануваат исти
На испитите од државната матура нема да има прашања од наставниот материјал од периодот на штрајкот во училиштата, изјави за МИА директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Елизабета Наумовска, уверувајќи оти има доволно време и простор матурантите да се подготват за полагањето на матурата.
„И оваа година, како и лани, државна матура ќе полагаат по скратени испитни програми. Материјалот за испитни прашања е црпен од прва, втора, трета и четврта година до март и не го опфаќа овој период кога имало штрајк на наставниците. Од професорите кои во предметните комисии ги изготвија прашањата, ДИЦ доби уверување дека прашања од овој период, април-мај, нема. Тоа значи дека нема потреба ни за паника, ни за некакви барања и заговарања за укинување на матурата зашто тоа ќе значи неможност за влез во високото образование ниту во државава, ниту на странски универзитети“,
изјави Наумовска за МИА.
Таа додаде и дека учениците што не ја положиле проектната задача, за која законскиот рок беше до 21 април, ќе имаат дополнителен период да ја положат до 19 мај, кога, според календарот за наставни денови, завршува учебната година за матурантите.
„Согласно календарот, матурантите учат до 19 мај, и во рамки на тој период ќе биде продолжен рокот, односно училиштата во текот на наредната недела да организираат полагање на проектната задача“,
рече Наумовска, која додаде дека 1 598 ученици или нешто повеќе од 10 отсто од вкупниот број од пријавените за матурата останале без одбранета проектна задача.
Освен за проектната задача, додаде Наумовска, сите други рокови остануваат исти зашто, како што нагласи, секое пролонгирање ќе ги пролонгира и роковите за упис со што ќе им пропаднат шансите на кандидатите за студии во странство.
„Некои се условно примени во странство и треба околу 9 и 10 јули да достават диплома дека положиле матура за да бидат официјално примени. Меѓу нив има и деца кои примаат стипендии и штета би било да им го скратиме тој животен сон“,
додаде Наумовска.
За полагање државна матура во јунската испитна сесија се пријавиле 15 899 матуранти, од кои 7135 се од гимназиско образование, 8 504 од стручно и 260 се ученици од уметничките училишта.
Датумите за полагање на двата екстерни испита од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија остануваат непроменети – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.