Перцепцијата за правосудството, според министерот, ќе се подобри само во оној момент кога како држава ќе докажеме дека навистина за тешки кривични дела, без разлика од која сфера се, ќе има пресуди кои ќе бидат пропорционални на неправото. Ветингот во судството во Албанија се покажал како добар рецепт, а кај нас, смета тој, прочистување е можно е и со постоечките закони и институции
Ниската доверба во судството треба да се земе како поттик за подобрување на состојбите, вели министерот за правда Никола Тупанчески во коментар за анкетите кои покажуваат дека граѓаните имаат многу ниска доверба во правосудството.
Проблемот, вели тој, не е само во законите туку и во нивната примена.
„Ние како Министерство за правда работиме интензивно не само на законодавната агенда затоа што констатиравме дека не е проблем само во квалитет на законите туку и во начинот на кој тие се имплементираат. Често знам да кажам дека и најлошиот закон може да биде добар закон ако се применува неселективно. Во таа насока работиме на создавање оптимални услови за правораздавање и она што се нарекува ефективно и ефикасно правосудство. Во таа насока говориме околу дигитализација на судството и обвинителството, интероперабилноста или поврзаноста меѓу институциите така што навистина ќе се олесни процесот на добивање информации …“,
вели Тупанчески.
Перцепцијата за правосудството, според него, ќе се подобри само во оној момент кога како држава ќе докажеме дека навистина за тешки кривични дела, без разлика од која сфера се, ќе има пресуди кои ќе бидат пропорционални на неправото.
Според него ветингот во судството во Албанија се покажал како добар рецепт, а кај нас, смета министерот, прочистување е можно е и со постоечките закони и институции.
„Постои Судски совет, Совет на јавни обвинители кои доколку ја завршат задачата како што треба постојат строги критериуми кои налагаат доколку некој не работи според стандард да биде разрешен, а и да биде казнет затоа што ниту судиите ниту обвинителите не смеат да бидат над законот. Во тој контекст сакам да додадам за новата методологија за оценување на судиите. Тоа значи подзаконски акт кој е донесен година и пол наназад и од необјасниви причини беше неприменуван, меѓутоа стигнавме во период каде тоа од Судскиот совет почнува да се имплементира таа методологија и верувам дека ќе даде резултати“,
вели Тупанчески.
Во однос на тоа дали во земјава има доволно или премногу судии, министерот вели дека ако се земе предвид европскиот стандард дека на 100 000 жители би требало да има 21,5 судија, тогаш ние имаме повеќе судии од тоа што ни е потребно. Меѓутоа, според него, она што треба да се направи е оптимизација и рационализација во однос на бројот на судии затоа што најголемото оптоварување е во Скопје каде има најголем број на жители.